Градоначалникот Горан Герасимовски, вчера се дружеше со хигиеничарите во Паркот на франкофонија, каде лично им се заблагодари за нивната неуморна работа и посветеност.
„Сакам да ви се заблагодарам за макотрпната работа што ја имате секојдневно и што не ги оставате центарци да живеат во смет. Секој ден ги расчистувате улиците, ги полевате зелените појаси и го разубавувате центарот на градот. Благодарение на вас, целиот смет во Центар е исчистен“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Тој потсети дека изминативе години соработката со вработените во хигиената била на завидно ниво и изрази уверување дека и во наредниот мандат ќе продолжи со уште подобра динамика.
„Она што го договаравме на почетокот, скоро целосно го реализиравме, остануваат уште малку работи кои заедно ќе ги довршиме. Во делот на платите го отпочнавме процесот и верувам дека веќе следната година ќе го завршиме. Повеќе од половината од колегите што беа непријавени веќе се регулирани, а останатите наскоро ќе бидат завршени. Исто така, зголемувањето на платите беше и ќе остане наш приоритет, кога ќе расте просечната плата, ќе растат и вашите плати,“ рече Герасимовски, потсетувајќи дека платите во овој сектор во последните години речиси двојно се зголемиле.
Герасимовски, ја нагласи својата подготвеност да остане отворен за барањата на вработените.
„Да знаете дека сме тука, сме биле тука и ќе бидеме тука да заедно се договараме и излегуваме во пресрет на сите ваши барања,“ изјави тој.