17. септември 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Шукова: Со Зона 30 ќе го запреме дивеењето по скопските улици

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, пред училиштето „Киро Глигоров“ ја презентираше својата визија за побезбедни улици и сигурно движење на најмладите скопјани.

Шукова нагласи дека безбедноста на децата е највисок приоритет и дека Скопје мора да стане град во кој улиците се безбедни за сите.

„Нема ништо поважно од тоа секое дете безбедно да стигне во училиште и безбедно да се врати дома. За жал, секојдневно сме сведоци на ризични ситуации пребрзо возење, небезбедни пешачки премини, недостиг на соодветно осветлување и инфраструктура,“ истакна таа.

Шукова најави проширување на концептот ЗОНА 30, во која максималната брзина е ограничена на 30 километри на час, со современи мерки за смирување на сообраќајот.
„Ќе направиме подигнати пешачки премини и вибрациски ленти, нови и пошироки тротоари, подобро и посилно осветлување на улиците, заштитни пешачки огради, мини кружни текови и стеснување на коловозот за намалување на брзината. Најважно јасно означени зони пред училиштата со големо ШКОЛО на коловозот,“ рече Шукова.

Таа најави и нова мерка ЗОНА ШКОЛО и воспоставување на безбедни рути за движење на деца до секое училиште во Скопје.

„Секој ученик ќе има своја безбедна патека со обележани премини, велосипедски патеки и заштита од возилата,“ додаде Шукова.
Посочи дека реализацијата ќе започне на клучни делници: улиците Орце Николов, Варшавска, Владимир Комаров и Георги Димитров, кои ќе добијат ново уредување со подигнати премини, нови тротоари, велосипедски паркинзи и улично осветлување. Потоа, чекор по чекор, концептот ќе се прошири во сите населби: Карпош, Тафталиџе, Кисела Вода, Чаир, Бутел, Ѓорче Петров и останатите.
„Ова не е само инфраструктурен проект, ова е проект за животот, здравјето и иднината на нашите деца. За Скопје да биде модерен европски град, мора прво да биде безбеден град. Да им ја дадеме на нашите деца сигурноста што ја заслужуваат затоа што нивниот живот нема цена,“ истакна Шукова.

Можеби ќе ве интересира

Џаферовска: По тргедијата во Велес СДСМ бара оставка од Панче и разрешување на цело СВР Велес

C +

Манасков: Нема учебници, СДСМ бара оставка од Јаневска!

C +

Центарци добија современа теретана на отворено во Паркот на франкофонија

C +