Интегрален текст од денешната прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка:
Во изминатите неколку месеци јавноста е сведок на бројни манипулативни изјави на премиерот Христијан Мицкоски.
Почнувајќи од последната изјава, дека странски центри на моќ и хибридни напади стојат зад пожарите во Македонија која сериозно ги загрижи граѓаните и ја потресе безбедноста во земјата.
Наместо докази, издржани информации и активирање на сите безбедносни инструменти демантот стигна токму од неговиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во интервју за „360 степени“ Тошковски го демантираше Мицкоски и призна дека нема осомничени за хибридни напади, нема центри на моќ кои стојат зад пожарот во Трубарево или зад било кој друг пожар.
Ова признание е директен удар врз кредибилитетот и точноста на изјавите на Мицкоски.
Сега јавноста знае дека премиерот ја злоупотребил безбедносната состојба и институциите за да ја покрие својата неспособност за справување со пожарите.
Но, ова не е единствена изјава на Мицкоски која била деманитара или времето ја потрдило дека е класична манипулација.
Мицкоски во август минатата година изјави дека има индиции за сценарио за дестабилизација на државата. Никогаш не објави докази и нормално ништо не се случи.
Во октовмри исто така минатата година Мицкоски од собраниската говорница обвини дека го следеле со дронови. Никогаш не се објавија докази и помпезно најавениот случај пропадна.
Пред само две недели Мицкоски изјави дека има информации дека бил следен и прислушуван. И ова се потврди дека нема никаква врска со реалноста и оваа афера на власта пукна како меур од сапуница.
Сите овие изјави на Мицкоски, сите овие примери се покажа дека се празни зборови со кои се манипулира јавноста, граѓаните. Ништо повеќе.
После толку многу манипулации, толку многу измислици прашањео е дали воопшто граѓаните можат да му веруваат? Не. На Христијан Мицкоски не може да му се верува.
Јавно искажаниот збор на еден политичар, особено на претседател на влада, носи тежина и голема одговорност.
Зборовите можат да предизвикаат страв, паника или да влијаат врз стабилноста на државата.
Крајно неодговорно е премиер да си дозволи да изнесува тврдења без факти и без докази, со единствена цел да си ја спасува сопствената политичка кожа.
Оваа влада и овој премиер не се само неспособни, тие се опасност. Опасност за животот и здравјето на граѓаните, опасност за институциите што ги сведуваат на нула и опасност за државата во целина.