Во екот на еколошката и институционална криза по пожарот во Трубарево, лидерот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, даде конструктивни предлози до институциите повикувајќи на итна и координирана реакција.
„Состојбата по вчерашниот пожар во Трубарево е сериозна и бара итна, координирана реакција на институциите. Граѓаните имаат право да знаат што дишат и што внесуваат во организмот, но и да бидат заштитени од државата“, изјави Филипче.
Филипче понуди кризен план и се фокусираше на практични чекори и препораки кои се очекуваат од секоја одговорна власт.
Меѓу мерките кои ги предложи, Филипче побара: Медицински прегледи за жителите на Трубарево и околните места, лабораториски анализи на воздух, почва и вода, со резултати кои ќе бидат јавно достапни и психолошка поддршка за сите засегнати, вклучувајќи ги и пожарникарите.
„Не можеме како држава да ги оставиме сами со траумата“, рече Филипче, повикувајќи на грижа што оди подалеку од класичните безбедносни протоколи.
Дополнително, тој апелираше да се прошири безбедносната зона околу жариштето од 500 до 2.000 метри и по порцена да се преземат активности како, затворање на училишта доколку е потребно, дистрибуција на заштитни маски, предупредувања преку СМС и медиуми, мерење на загадувањето во реално време преку мобилни мерни станици и долгорочен мониторинг на контаминација на почва и вода.
„Тоа се минимални стандардни мерки во ситуации со можен ризик од загадување“, потенцираше тој.