Интегрален текст од днешната прес конференција на СДСМ, Славјанка Петровска – пратеничка
Почитувани претставници на медиумите, почитувана јавност,
Бидејќи денеска бев прозвана од некои мои колеги, сакам да дадам појаснување во врска со закажаната, па потоа одложена седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.
Онака како што уште претходно соопштивме, како политичка партија и како коалиција предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, така и денеска остануваме на ставот дека е потребен надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност, поврзано со случајот што власта го обелодени.
Она што се случи вчера е дека добив известување, како членка на Комисијата, дека треба да претседавам со седница закажана за денес. Но утрово, преку писмо од претседателот на Собранието, како и сите пратеници, бев известена дека седницата се одложува.
Од она што неофицијално успеав да разберам, станува збор за утната процедура или погрешна примена на Деловникот, и поради тие причини седницата е одложена. Како пратеничка и како членка на Комисијата, не бегам од одговорноста да претседавам тогаш кога, согласно Деловникот, ќе бидам задолжена од претседателот на Собранието. Дали тоа ќе биде денеска во 14, 15, 17 или 22 часот, апсолутно немам никаков проблем.
Затоа што, како што и вчера кажав, и мене лично, како пратеничка на СДСМ, ни е од интерес надзорот да се спроведе и граѓаните, а и јавноста, да бидат информирани за наодите и информациите до кои ќе дојдеме. Секој друг обид за шпекулации, сценарија или префрлање вина власт-опозиција-ДУИ и така натаму е неприфатлив, бидејќи се покажува дека поединци во Собранието немаат сериозен пристап кон ова прашање.
Ние немаме што да криеме. Се сомневаме дека власта има што да крие. Затоа, по нашето повеќедневно инсистирање за декласификација, можеби ова одложување е резултат на страв од таа декласификација. Она што би било откриено со тие документи најверојатно нема да биде пријатно за претставниците на сегашната власт.
Она што мене ми е познато е дека вчера и претседателот на Комисијата, Скендер Џепи, не бил информиран дека јас ќе претседавам со Комисијата. Тој ми пренесе забелешки дека известувањето за закажување на седницата не е во согласност со Деловникот и дека до него не е доставена никаква иницијатива или барање за свикување на седницата. По проверка во службите, ми потврдија дека навистина таква иницијатива не била доставена.
Затоа, дали е доставена до претседателот на Собранието – немам информација. Но, од она што неофицијално ми беше кажано, е дека и таму не е доставена. Повторувам: јас сум подготвена, кога и да се закаже, да претседавам и тоа да го направам.
Несериозен е пристапот на власта, особено затоа што тие се тие што го обелоденија овој таканаречен скандал, а при тоа пропуштија правилно да го применат Деловникот. Тоа е сомнително, најмалку речено. Тоа значи дека свесно сакаат вниманието да го насочат кон деловнички интерпретации, а во суштина – надзорот не го посакуваат.
Веројатно, токму поради тоа што документите ќе откријат интересни сознанија. Не прејудицирам, само поставувам прашања. Но час поскоро ако се одржи надзорот и ако се декласифицираат тие информации, сите овие дилеми ќе бидат разрешени и ќе ја знаеме вистината.
Да не се покаже на крај дека целата оваа манипулација е само подготовка за следниот чекор – спојувањето на двете агенции, со цел директор на новата агенција да биде човек без никакво искуство во безбедносниот и разузнавачкиот сектор. Тоа е моја претпоставка.
Не го знам точниот број на пратеници што треба да поднесат иницијатива, мислам дека е една третина. Ќе го провериме Деловникот. Но, со сигурност знам дека власта го има потребниот број. Еве јавно велам: јас ќе се потпишам на таа иницијатива, затоа што сметам дека надзорот мора да се одржи.
Во врска со датумот, никој досега со мене не разговарал. Можеби го договориле директно со директорот на Агенцијата за национална безбедност. Но сепак, датумот треба да се утврди на седница на Комисијата.
Исто така, да се надмине проблемот со безбедносниот сертификат. Законот за класифицирани информации предвидува можност за привремен сертификат за претседателот на Комисијата, само за потребите на надзорот, кој би важел еднократно. Ако постои волја од власта, овој проблем може да се реши уште денес.
Ви благодарам на вниманието.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...