2. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-БИЗНИС

Реплек со силен раст: Приходите од продажба во сегментот фармација пораснаа за 22%, нето добивката скокна за 90% во првото полугодие

Првото полугодие од 2025 година Реплек АД го заврши со значаен раст на приходите од продажба во сегментот фармација за 22%, евидентен како на домашниот, така и на странските пазари. Консолидираната нето добивка достигна 130 милиони денари (2,11 милиони евра), што е пораст за 90% во однос на истиот период од минатата година.

Фармацијата останува стратешки најважниот сегмент за Реплек, и во него приходите од продажба достигнаа 16,4 милиони евра. На домашниот пазар Реплек оствари приходи од продажба во износ од 3,9 милиони евра, што е значителен пораст од 34% во споредба со истиот период минатата година, а на странските пазари реализираните приходи од продажба се 12,5 милиони евра, што е зголемување од 18%.

„Овие извонредни финансиски резултати се уште една потврда за ефикасноста на нашата развојна стратегија и за посветеноста на нашиот тим, но и дополнителен мотив да продолжиме да создаваме вредност за вработените, потрошувачите и инвеститорите. Горди сме на високиот раст во првото полугодие и остануваме силно посветени на иновациите и на проширувањето на нашето производно портфолио. Остануваме фокусирани на инвестиции во модернизација и градење на цврсти односи со нашите партнери, што е најава за уште една успешна година за компанијата“, изјави Душан Пецовски, главен и извршен директор на Реплек АД.

Во јуни годинава Реплек АД, во согласност со едногласно усвоената одлука на Годишното собрание на акционери, исплати дивиденда во бруто износ од 400 денари по акција, што е раст од 33% во однос на исплатената дивиденда за 2023 година.

Во првата половина од 2025 година, компанијата реализираше стратешки инвестиции во основни средства во износ од вкупно 3,3 милиони евра, насочени кон зајакнување на производствените и логистичките капацитети. Реплек пушти во употреба нов, модерен производствен блок, опремен со високо технолошка линија за блистирање, пакување и серијализација, надополнет со нова опрема за суво мешање. Проектот почна во 2024 година, а неговата вкупна вредност изнесува два милиони евра. Со оваа инвестиција се овозможува зголемување на вкупниот капацитет за примарно и секундарно пакување за 25 отсто, а двојно се зголемува и капацитетот на процесот за суво мешање. Реплек е во завршна фаза и на имплементацијата на SAP ERP системот, кој ќе овозможи повисоко ниво на автоматизација, подобро управување со ресурсите и транспарентност во работењето.

До крајот на годината планирани се вложувања во развојни проекти во висина од 10 милиони евра. Овие инвестиции се дел од долгорочната стратегија на Реплек за севкупна модернизација на производствените процеси кои треба да овозможат одржлив раст и дополнително зголемување на извозната конкурентност на компанијата.

Можеби ќе ве интересира

Муцунски: Финализираме договор со САД што ќе ги отстрани преостанатите трговски бариери

C +

Мицкоски: Им благодарам на САД што ја коригираа тарифата од 33 на 15 проценти, оптимист сум дека ќе одиме уште подолу

C +

Костова по одлуката на Ралев: Интегритетот е бесценет, но сè поредок

ДЕСК