Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Рашид бин Саид Ал-Хајарин, вршител на должност во Амбасадата на Државата Катар во Скопје.
На средбата беа разменети мислења за севкупниот развој на билатералните односи, при што Сиљановска-Давкова изрази подготвеност и отвореност за нивно зајакнување и унапредување. Според неа, единството на малите и средни држави може да биде важен фактор во обликувањето на глобалната политика.
Одбележувањето на три децении дипломатски односи следната година, според претседателката, е добра можност за интензивирање на контактите на највисоко политичко ниво, со очекувано позитивно влијание врз развојот на односите во енергетиката, градежништвото, земјоделството, образованието, културата, науката и туризмот.
Сиљановска-Давкова го истакна интересот за унапредување на економската и трговската соработка и ја посочи отвореноста за директни инвестиции од Катар. Таа изрази очекување за наше вклучување во проектот за извоз на природен гас од Катар, како и за повторно воспоставување на директна авионска линија Скопје-Доха.
Соговорниците разменија мислења и за состојбите на Блискиот Исток, при што се истакна важната улога којашто Катар ја има во напорите за обезбедување мир и стабилност во регионот.
На претседателката Сиљановска-Давкова и беше врачена покана од Неговото Височество Шеик Тамим Бин Хамад Ал-Тани, Емир на Државата Катар, за учество на Вториот светски самит за социјален развој што ќе се одржи во Доха во ноември, клучна платформа за глобален дијалог и соработка за општествен напредок во време на растечки нееднаквости, демографски промени и брза технолошка трансформација.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...