Соопштение на Левица:
Делегација од Левица составена од членовите на Централниот комитет – Андреа Јанков, Катерина Јовановска и Дарја Мустафаоглу, денес оддаде почит и положи свежо цвеќе на Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес кој на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, го погоди Скопје.
Во тој страшен миг, тагата и болката се вплетоа во животите на илјадници луѓе и засекогаш ја променија историјата на нашиот град. Над 1.000 загинати, 3.000 повредени и 200.000 останати без дом. Но, во часовите и деновите по трагедијата, заживеа нешто подеднакво моќно – солидарноста.
Првата помош стигна од југословенските републики, а потоа и од целиот свет – 87 нации испратија медицински тимови, храна, шатори, механизација. Скопје го доби епитетот „Град на солидарноста“, а 14 октомври, кога ОН усвои резолуција за обнова на градот, влезе во светската историја како Ден на Скопје. Обновата на градот ја предводеа визионерски умови.
Денес, 62 години подоцна, Скопје го разјадува корупцијата, градежната мафија и дивото градење. Наместо планско и хумано урбанизирање, имаме илјадници дивоградби, уништени паркови, станбени блокови без основна инфраструктура.
Сето тоа се случува во град кој се наоѓа на трусно подрачје – нешто што надлежните постојано го забораваат или свесно го игнорираат. Наместо да се гради отпорно, одржливо и безбедно, Скопје стана жртва на профитерско и ризично узурпирање.
Она што некогаш беше симбол на заедничка обнова и визија, денес е претворено во хаос каде што јавниот интерес е распродаден за приватен профит. Градот кој беше изграден со солидарност – денес е разјаден од алчност.
Овој ден не треба да биде само тивко сеќавање на трагедија, туку и гласно предупредување дека негрижата, корупцијата, непочитувањето на стандардите можат да чинат човечки животи.
Нека овој ден нѐ потсети не само на минатото, туку и на нашата одговорност за иднината на Скопје.
Фото Левица
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...