Изјава на министерот за земјоделие Цветан Трипуновски:
Почитувани,
Се надевам дека овие неколку минути уживавте во овој прекрасен видеозапис! Токму со ова, со гордост сакам да го најавам почетокот на кампањата „Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост“.
Овој видеозапис не е само реклама, тоа е вистинска приказна за нашата земја, за вредните раце на нашите земјоделци и преработувачи, за богатата традиција која со љубов ја негуваме. Низ секоја сцена, од златните полиња до трпезата, прикажано е нашето домашно, она најдоброто.
Кампањата „Македонско Најдобро“ ќе биде препознатлива по специфично лого кое преку сонцето и почвата не потсетува дека ги имаме сите предуслови за да имаме домашни, квалитетни земјоделски производи.
Уверени сме дека ви го разбуди чувството на гордост и ве потсети зошто е важно да го поддржиме македонското производство.
Ова е само еден дел од кампањата која како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ја започнуваме. Со ова нашата примарна цел е да:
• го зголемиме и зајакнеме домашното земјоделско производство;
• обезбедиме просперитет на руралните средини;
• ја подигнеме свеста за квалитетот, автентичноста и значењето на домашните производи и преработки од истите;
• обезбедиме полесен пристап на нашите сограѓани до домашните земјоделски производи.
„Македонско Најдобро“ е кампања која директно ве повикува да бидете дел од една позитивна промена.
Кога избираме македонски производ, не избираме само храна или продукт – туку директно инвестираме во нашата економија, создаваме нови работни места и ја зајакнуваме стабилноста на нашата земја. Секоја ваша одлука е одлука кон чекор за посилна и попросперитетна Македонија.
Денес го означуваме почетокот на кампањата „Македонско најдобро“, преку која ќе претставиме низа активности и алатки за полесен пристап на нашите сограѓани до земјоделските производи и преработки од истите.
Кампањата ќе биде присутна преку сите релевантни канали – од традиционалните медиуми како што се:
• билборди;
• постери за информирање на јавноста за кампањата;
• флаери за информирање за значењето на купувањето на домашни производи и преработки од истите за нашата домашна економија;
• постери за повик за регистрација на земјоделците и преработувачите на земјоделски производи.
Дигитална кампања преку социјалните мрежи на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство преку:
• видео содржини;
• анимирани видеа;
• успешни приказни од нашите ниви и фарми ќе бидат презентирани на јавноста.
Целта е да допреме до секој дом, до секој еден наш сограѓанин.
Изработена е дигитална платформа makedonskonajdobro.mk на која сите македонски земјоделци, земјоделски задруги, преработувачи, како и продажни центри ќе можат да се регистрираат и секој граѓанин ќе може лесно да ги пронајде и да се информира за домашните производи.
Оваа платформа е дизајнирана како централно место за поддршка и промоција на домашното производство, овозможувајќи три основни типа на регистрација:
1. За земјоделците: Каде ќе можат лесно да ги прикачат и промовираат своите свежи земјоделски производи;
2. За преработувачите: Кои ќе имаат можност да ги претстават своите автентични македонски преработки;
3. За продажните центри: Кои ќе ги регистрираат своите геолокации на продажни места, со што македонските производи ќе станат видливи за потрошувачите.
Воедно, ја користам оваа прилика да упатам отворена покана до сите заинтересирани да станат дел од оваа иницијатива и да се регистрираат на дигиталната платформа makedonskonajdobro.mk.
Она што е многу знајачно за потрошувачите, е тоа што платформата нуди исклучително корисна функционалност: интерактивната мапа „Каде да купам“. Со нејзина помош, секој граѓанин ќе може лесно да ги најде саканите производи кои што му се потребни.
Преку автоматска геолокација, без никаков напор, платформата веднаш ќе ги прикаже најблиските продажни места каде што може да се набават посакуваните домашни производи.
Дополнително, има опција за филтрирање по категорија или специфичен производ, што овозможува да го пронајдете токму она што го барате, на најбрз и најефикасен начин. Оваа функционалност овозможува директна врска помеѓу квалитетните домашни производи и крајните потрошувачи, обезбедувајќи прецизни и релевантни информации во секое време и место.
Сакам да најавам дека, во скоро време ќе биде во функција и посебна мобилна апликација, преку која секој еден граѓанин ќе може лесно да ги пронајде и да се информира за домашните земјоделски производи и преработки од истите.
Ние не застануваме тука, продолжуваме силно со оваа кампања!
Сакаме да го доближиме домашното, квалитетното земјоделско производство до секој еден наш сограѓанин, да ги поттикнеме и инспирираме граѓаните да се приклучат кон оваа многу важна кампања „Македонско Најдобро“и заеднички да делуваме за подобра економска стабилност.
Тоа е наша обврска и визија кон подобра иднина.