СКОПЈЕ, СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – 17 јули 2025 – Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) го објави најновиот Извештај на Мониторинг Матрица за 2024 година. Извештајот открива загрижувачки тренд на намалување на граѓанскиот простор во земјите од Западен Балкан и во Турција. Назадување на демократијата и политичко непријателство и нетрпеливост се нотираат во континуитет, но извештајот исто така ја нотира непоколебливата отпорност и важна улога на граѓанските организации во одбраната на основните човекови слободи и права и поттикнувањето на демократскиот напредок во регионот.
Клучни наоди од Извештајот за 2024 година:
- Закон наспроти реалност: Иако законите генерално ги гарантираат слободата на здружување, мирно собирање и говор, нивното практично спроведување постојано е отежнато од бавни адмнистративни процедури, политички притисок и непријателски наративи, вклучувајќи ги добро познатите наративи и обвинувања за „странски агенти“.
- Финансиски предизвици: граѓанските организации се соочуваат со потешкотии во финансиската одржливост поради неефикасни, неразвиени и непрецизирани даночни легислативи. Злоупотребата на јавни фондови и недостатокот на транспарентност во нивната распределба дополнително го влошуваат проблемот, како што е случајот со Косово и износот од 5 милиони евра за поддршка на граѓанските организации кој остава сериозни сомнежи за намерата на владата и начинот на распределба.
- Неконзистентна владина соработка: и покрај формалните државни стратегии, вистинското учество на граѓанското општество во креирањето политики често е површно и нетранспарентно, при што гласните граѓански организации често се тргаат на страна, на сметка на граѓанските организации кои се инструментализирани.
И покрај овие предизвици, извештајот забележува и позитивни случаи, како што се соработката на Албанија за финансирање на борбата против тероризмот, новиот Ресурсен центар за невладини организации во Црна Гора, и масовната граѓанска мобилизација во Србија против назадувањето на демократијата и авторитарните тенденции.
„Намалувањето на граѓанскиот простор не е случајно; тоа ја одразува стратешката намера да се демонтира демократскиот плурализам“, изјави Ања Босилкова-Антовска, коавтор на извештајот.
БЦСДН ги повикува националните влади, Европската Унија и меѓународните донатори да:
- Јакнење на правната сигурност: Да ги обезбедат и гарантираат законските рамки со целосно усогласување со меѓународните стандарди и нивна доследна и праведна примена, штитејќи ги основните слободи и права за сите чинители во граѓанскиот простор.
- Одржливо финансирање: Да развијат сеопфатни стратегии за одржливо финансирање на граѓанските организации, вклучувајќи фер даночни олеснувања, предвидливо и транспарентно јавно финансирање и полесен пристап до банкарски услуги.
- Значајна соработка и учество во носењето на одлуки: Да воспостават транспарентни и инклузивни механизми за учество на граѓанското општество во креирањето на политики, обезбедувајќи вистински придонес граѓанските организации во носењето на одлуки.
- Проактивна заштита на граѓанските чинители: Да спроведат силни мерки за заштита на граѓанските активисти, новинари и граѓанските организации од вознемирување, надзор и кампањи за клевета, поттикнувајќи средина каде што изразувањето на несогласување не е криминализирано, туку се смета за суштинско и здраво за развој на демократијата.
„Отпорноста на граѓанското општество пред овие растечки притисоци е доказ за нивната непоколеблива посветеност на демократските вредности“, додаде Симона Младеновска, коавтор на извештајот. „Одржливата меѓународна поддршка и значајната политичка волја, како домашна, така и од ЕУ, се од суштинско значење за заштита на овие напори и за обезбедување граѓанските чинители да бидат препознаени не како непријатели, туку како важни партнери во градењето на демократски, инклузивни и отпорни општества“.
Електронска верзија на Регионалниот извештај за Мониторинг Матрица за 2024 година е достапна на веб-страницата на БЦСДН.