Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
-БИЗНИС

„ Министерството за енергетика го поздравува стартот на најголемиот ветерен парк во Македонија – силен сигнал за стабилни инвестиции и зелена транзиција“

Министерството за енергетика со задоволство ја поздравува денешната официјална промоција на почетокот на изградбата на ветерниот парк кај Штип, поддржан со инвестиција од 500 милиони долари од страна на „Алказар енерџи партнерс“. Со 55 ветерници на површина од 326 хектари, со капацитет да снабдува околу 100.000 домаќинства – проектот е најголемата регионална инвестиција во обновливи извори на енергија во Западен Балкан.

Министерството нагласува дека секоја ваква инвестиција ги потврдува нашите институции како стабилен и предвидлив партнер за вложувања, поткрепена со дисциплиниран пристап и фер регулаторна рамка.

Министерката за енергетика, во своето видеообраќање по повод стартот на проектот, потенцираше:

„ Оваа Влада ја постави енергетиката како столб на развој. И нема да застанеме додека не ја трансформираме Македонија во регионален центар за обновлива енергија. Како министерка за енергетика, со гордост го поддржувам секој чекор кој води кон оваа цел. Инвестициите во ветер, сонце, вода се мостови кон економска стабилност, зелена транзиција и нови работни места за македонските граѓани. Со оваа инвестиција се градат можности за младите, се градат индустриски капацитети за целата држава и енергетска сигурност за многу домаќинства. “ истакна Божиновска.

Министерката, при тоа, им се заблагодари и на меѓународните партнери:

„Вашата верба во нашите институции е доказ дека Македонија веќе се гледа како стабилна и предвидлива држава за долгорочни вложувања, почитуван партнер и домаќин на инвеститори кои работат според правилата и веруваат во иднината на оваа земја. “

Од аспект на Министерството, оваа инвестиција носи повеќекратна корист: чиста и стабилна енергија, намалени емисии на јаглерод, пониски сметки за струја и отворање на педесетина нови работни места во фаза на изградба и уште повеќе во функционирањето. Министерството за енергетика останува посветено на поддршката на слични проекти и очекува дополнителни инвестициски шанси за зелена и иновативна енергетика, кои ќе донесат долгорочна корист за граѓаните, економијата и идните генерации.

фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини