Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Костовски: Ги повикувам граѓаните на обединување во фронтот за подобро Куманово

Организациониот секретар на СДСМ Мартин Костовски во гостувањето на „Тема на денот“ на Сител телевизија истакна дека добро ги познава состојбите во Куманово и се нафаќа да биде градоначалник на Куманово и да ги брани социјалдемократските вредности во најголемата општина во Македонија.

“Наша интенција е да се профилираме како една сериозна опција којашто ќе го порази Максим Димитриевски, човекот кој што осум години Куманово го направи една касаба. Граѓаните бираат личности, не бираат геополитика, не бираат национална политика, туку напротив се одлучуваат да ги нивелираат сите оние неубави работи кои што ги направи Максим Димитриевски”, рече Костовски, додавајќи дека откако Димитриевски го формира здружението Знам, кое прерасна во политичка партија, изгуби концептуално за работа на терен, за спроведување на проекти, отсутен е од општината, нема решавање на проблеми на граѓаните.

Костовски нагласи дека има сериозен пад на поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во споредба си изборите од мај 2024 година.

“Очекуваме добар резултат на локалните избори, подобар од минатите парламентарни избори односно повеќе од 150.000 гласови на советички листи и верувам дека многу ќе им биде тешко и на ВМРО-ДПМНЕ. Ако гледате ретроспективно 4 години немаат никакви резултати, 0 инвестиции, 0 проекти, зборуваат за некакви реализации, коишто чинам дека акумулативно се помалку од 20% ширум 80-те општини во државата. И сега Христијан Мицковски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ повторно, по не знам кој пат, глуми некој шпицен кандидат, одејќи по општините, актуелизирајќи некои теми од национален наратив како Бугарија, Европарламент Грција итн, а граѓаните сакаат конструктивност во делот на решавањето нивните потреби”, рече Костовски.
Тој истакна дека СДСМ на локалните избори ќе излезе со најдобрата кадровска понуда и со најдобрата програма којашто ќе биде за решавање на проблемите на граѓаните.

“Сакам да бидам во коалиција со сите граѓани, не е важно гласачот од каква провниненција е и каква партиска книшка има, туку да се обединиме во фронтот кој значи подобро Куманово, развиено Куманово, урбано Куманово, Куманово коешто ќе гази напред, а не да се претвора во касаба и да биде цел на некои смешни лицемерни хипокритични математики помеѓу двата коалициски партнери. Јас ги повикувам сите граѓани знаат дека најголемиот дел и Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи ќе дадат поддршка за нешто што значи развој на Куманово”, порача организациониот секретар на СДСМ и кандидат за градоначалник на Куманово Мартин Костовски.