Во текот на месец јуни, до Институтот за јавно здравје е пристигната пријава за епидемија на алиментарна токсоинфекција предизвикана од Salmonella enteritidis, информира ИЈЗ.
ЦЈЗ Прилеп пријави епидемија на алиментарна токсоинфекција. Епидемијата е пријавена со 38 заболени лица кои конзумирале иста храна во фабрика во Прилеп. Од заболените лица, три биле хоспитализирани. Од 5 заболени лица се земени материјали за испитување на копрокултура и кај две лица е изолирана Salmonella enteritidis. Во соработка со АХВ, ЦЈЗ Прилеп изврши санитарнохигиенска контрола во кујната на добавувачот на храна и во трпезарискиот дел на фабриката каде се служи храната. Земени се мостри за микробиолошко испитување од жива и нежива средина.
Од страна на ЦЈЗ Прилеп предложени се соодветни санитарно-хигиенски и против епидемиски мерки, како и редовно и континуирано одржување на хигиена во објектот, соодветна манипулација и чување на прехрамбените продукти.
Објектот за припрема на храна беше затворен до добивање на негативни резултати од земените материјали. По превземање на сите потребни епидемиолошки мерки од страна на ЦЈЗ Прилеп, епидемијата е одјавена на 11.06.2025, соопшти ИЈЗ.