Изјава на Марија Митева, портпаролка на владата:
Денес, со особена одговорност имам за цел да зборувам за новата мерка на Владата која е опфатена со оперативниот план за вработување: „Јавни работи за заштита и превенција од пожари“. Ова е програма која се спроведува за прв пат во нашата држава.
Со оваа мерка, како држава правиме исклучително значаен исчекор- од реактивна кон проактивна политика во областа на заштитата од пожари и зачувување на животната средина. Наместо да дејствуваме несинхронизирано и откако штетите се веќе направени, денес започнуваме со процес на навремена подготовка, превенција и мобилизација на ресурси и луѓе.
Мерката предвидува вклучување на 400 невработени лица, кои ќе бидат ангажирани во јавни работи со фокус на создавање на противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари. Сакам да потенцирам дека секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24.000 денари. Исто така, важно е да нагласиме дека сите оние кои ќе покажат одобен интерес, посветеност и висока подготвеност по завршување на оваа мерка ќе бидат трајно ангажирани преку нивно вработување во институциите кои се надлежни за оваа работа.
Оваа мерка има двоен ефект- социјален и еколошки.
Од една страна, обезбедуваме приход и вклучување на невработени лица, со што даваме конкретна поддршка на ранливи категории граѓани, односно на навработени. Од друга страна, создадовме функционален и одржлив систем на заштита од пожари, кој е предвидено да опфати 14 општини низ државата- општини каде имаме територијални противпожарни единици.
Пријавувањето ќе се одвива транспарентно преку Јавен повик, кој ќе биде објавен од страна на општините. Секое лице кое што се чувствува подготвено и мотивирано да даде придонес во оваа заедничка мисија, ќе може да аплицира со поднесување на пријава и апликација. Локалните самоуправи во овој случај ќе имаат активна улога во спроведувањето, затоа што борбата против пожарите е одговорност што ја споделуваме- од централно, до најлокално ниво.
Дозволете ми да нагласам уште неколку работи:
како Влада на оваа мерка гледаме како на нов пристап. Ново сфаќање на јавниот интерес, на навремена интервенција, на државата која е присутна пред, а не по катастрофата. Пожарите, кои претставуваа хроничен проблем со долгорочни последици, особено за руралните и шумските подрачја, повеќе нема да бидат нешто што како Влада пасивно го очекуваме- туку нешто за што активно се подготвуваме да го спречиме.
Ги повикуваме сите граѓани, особено оние кои бараат можност да придонесат кон општото добро и да стекнат корисно работно искуство, да се пријават преку своите општини. Нивната улога ќе биде клучна. Секоја расчистена патека, секој спасен човечки живот- ќе биде доказ дека оваа мерка е мерка која прави разлика.
Ви благодарам.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...