Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Време е за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а оние кои што се отселени да се вратат

Изјава на Христијан Мицкоски:

Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на институциите, експерти, пријатели, соработници,

Во политиката многу често зборуваме за кризите што ги гледаме. За оние што доаѓаат со драматични вести, со протести, со економски потреси.

Но денес ќе зборуваме за една поинаква криза. За една тивка, долготрајна, системска и глобална криза, a тоа е демографската рецесија.

Ова не е проблем само на Македонија. Ова е предизвик на целата Европа, па и пошироко би рекол.

Германија, Италија, Бугарија, Јапонија, Јужна Кореја- сите тие држави веќе одамна се соочуваат со истото:

Се раѓаат се помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.

И ние не сме исклучок.

Но, нашата состојба е посебна. Затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм.

Овој проблем од претходните влади се ставаше под тепих и не се гледаше на него како на сериозна закана.
Фактите се јасни:

-Во 2024 година, се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година;

-Во последните 4 години, изгубивме повеќе од 33.000 жители- како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево;

-Стапката на наталитет падна од 12,5‰ во 2010 година на само 8,8‰ во 2024;

-Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение;

-Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат.

Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири.

А кога велиме дека „ги рушеа темелите“, не мислевме само на корупцијата, на стопираните проекти, на нефункционалните институции од минатата влада.

Мислевме и на ова. На рушење на семејството. На губењето на иднината. На иселувањето како единствена опција.
Затоа денес кажуваме гласно:

Оваа Влада не го премолчува проблемот. Го именува. Го признава. И се бори со него.

Но, што значи таа борба?

Тоа не е борба со едно министерство. Тоа е борба на сите нас.

Борба што се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини каде се простуваат мајки и синови.

Затоа, нашата борба е:

-Да го направиме животот овде вреден;

-Да го направиме мајчинството благослов, а не товар;

-Да им дадеме на младите причина да останат;

-Да изградиме институции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат;

-Да изградиме држава во која надежта е поважна од пасошот.

Знаеме дека нема магично решение.

Но има намерна, постојана, државничка борба.

И ние ја почнавме. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме- е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети.

Почитувани,

Нема ништо посвето од животот. И нема ништо потажно од тоа што денес нашата држава тивко се празни. Но исто така- нема ништо похрабро од народ што се буди.
Затоа велиме:

Време е. Време е за иднина. Време е за држава-каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце.

Едгар Морен, рекол:

„Демографијата не е судбина- туку огледало. Прашањето е: што ќе видиме во него и дали ќе имаме храброст да дејствуваме.“

Ние веќе гледаме. И веќе дејствуваме.

Ги градиме темелите на промените- затоа што доаѓа времето на народот и граѓаните.

И тоа нема да биде време на заминување, туку на враќање. Не на тишина- туку на нови гласови. Не на исчезнување- туку на раѓање.

Ви Благодарам.“