„Според податоците на Народната банка, во однос на последниот квартал од 2024 година, странските директни инвестиции се намалени за 261 милион евра – од 397 на 135 милиони евра, за две третини се намалени. Дури и на ова поле на кое што се фалат дека нешто ќе направат, тие потфрлуваат“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на трибина во Крушево.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ за една година не реализирале ниту еден проект.
„Нула проекти, едвај успеваат да ги завршат што ние им ги оставивме. И што ќе прават сега откако отворија се, дали планираат како на почеток да отвораат веќе отворени фабрики? Демонстрираат огромна неспособност. Огромна, а тоа го потврдуваат и последните бројки“, рече Филипче.
„ВМРО-ДПМНЕ се одлепи од реалноста, се заслепи од победата и тргнаа по бизниси. Трупаат пари за сопствени трошоци, се гоштеваат со манго и папаја. Трошат 1 милион евра за ПР и анкети, кои ги нарачуваат и на кои ќе се прикажат како успешни. Се одлепија од граѓаните и реалноста, работат за себе и своите интереси додека граѓаните живеат се потешко“, посочи тој.
Филипче нагласи дека според сите релевантни статистики, куповната моќ на граѓаните е опадната за 20%. „Што значи ова? Тоа значи дека за 20% помалку може да купат граѓаните во маркет денеска отколку тоа што беше пред ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт“, заклучи претседателот на СДСМ.