Судот на ЕУ денеска ќе одлучи дали Европската комисија имала право да ги сокрие од јавноста СМС-пораките разменети меѓу нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, во пресрет на потпишувањето на договорот за набавка на вакцина против коронавирус.
Тужбата ја поднесоа „Њујорк тајмс“ и неговата дописничка Матина Стевис-Гриднеф, во која се тврди дека е прекршено правилото за транспарентност откако Комисијата одби да ги предаде текстуалните пораки по барање. Во април 2021 година, еден новинар откри дека фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“ размениле СМС-пораки пред потпишувањето на договорот за купување на вакцината.
Следната година, таа побара сите текстуални пораки разменети меѓу фон дер Лајен и Бурла помеѓу 1 јануари 2021 година и 11 мај 2022 година, според законското право за пристап до јавни документи на ЕУ.
Одбивањето од страна на Комисијата ја поттикна да го поднесе случајот до Европскиот суд на правдата, со поддршка на нејзиниот весник. Како што објави „Њујорк тајмс“, личниот контакт меѓу фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“ беше клучен за постигнување договор за купување вакцини во ЕУ во вредност од милијарди евра во екот на пандемијата.
Во пролетта 2021 година, Комисијата, во име на 27-те земји-членки на ЕУ, склучи договор вреден до 35 милијарди евра, доколку биде целосно имплементиран, за 1,8 милијарди дози од вакцината. Кога го отфрли барањето на новинарот, Комисијата тврдеше дека нема такви документи.
Справувањето со договорите за вакцини против коронавирус од страна на Комисијата предизвика критики. Во 2022 година, Европскиот омбудсман, независно тело, остро го осуди одговорот на Комисијата на барањата за пристап до текстови. Европскиот јавен обвинител моментално истражува и купување вакцини против коронавирус во ЕУ./Извор:Makfax