16. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

„Волстрит“ падна – ни САД ни Кина не попушта

На Волстрит цените на акциите нагло паднаа, губејќи дел од добивките од претходниот ден, бидејќи царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг не покажува крај.

Индексот Dow Jones падна за 2,50 отсто, на 39.593 поени, додека S&P 500 потона за 3,46 отсто, на 5.268 поени, а индексот Nasdaq за 4,31 отсто, на 16.387 поени.

Така, индексите загубија дел од добивките од претходниот ден, кога S&P 500 скокна за историски 9,5 отсто, а Nasdaq повеќе од 12 отсто.

По големите промени во последниве денови, S&P 500 сè уште е во пад од околу 7 отсто од средината на минатата недела, кога американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителни, реципрочни царини за американскиот увоз.

Откако Трамп во средата ја одложи примената на тие царини за 90 дена, многу земји вчера изјавија дека се подготвени да преговараат. Меѓу другите и Европската унија, која ги одложи своите контрамерки против царините на Трамп.

Но, царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжува бидејќи Трамп ја зголеми вкупната царинска стапка за увоз на кинески стоки на 145 отсто, 125 отсто реципрочни царини и претходните 20 отсто поврзани со кризата со фентанил.

Кина, пак, од вчера применува царина од 84 отсто за увоз на американски стоки, покрај претходните 20 отсто на одредена група производи и вели дека нема да отстапи.

„Тешко е за инвеститорите да одлучат да купат акции со ваква нестабилност и неизвесност. Тие се загрижени за тарифите бидејќи е тешко да се процени како тоа ќе влијае на економиите“, рече Пол Нолте, аналитичар во Марфи и Силвест.

Затоа инвеститорите вчера не ги охрабрија подобрите од очекуваните податоци за ублажувањето на инфлацијата во САД во март. Се проценува дека инфлацијата најверојатно ќе се зголеми во наредните месеци поради воведувањето царини, додека челниците на американската централна банка велат дека нема да брзаат со намалување на каматните стапки, туку чекаат податоци кои ќе покажат како царините влијаеле на економскиот раст и на инфлацијата.

На европските берзи вчера пораснаа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна 3,04 отсто, на 7.913 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 4,53 отсто, на 20.562 поени, а париски CAC зајакна 3,83 отсто, на 7.126 поени./Извор:Makfax