Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Интензивирање на соработката со Хрватска преку Групите за пријателство

Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Хрватска оствари средба со Гордан Јандроковиќ, претседател на хрватскиот Сабор, заедно со хрватска делегација, во придружба на хрватската амбасадорка во земјава, Нивес Тигањ.

Претседателката на Групата, Благица Ласовска, го нагласи искреното пријателство на нашата земја со Хрватска, без отворени прашања и добро партнерство во НАТО алијансата.
Таа ги запозна гостите со предизвиците на патот кон ЕУ, пат кој е трнлив, но по кој ќе продолжиме да одиме. Реформите и посветеноста кон Берлинскиот процест продолжуваат, како и градењето добрососедски односи со Бугарија.

Хрватскиот парламентарен претседател Јандроковиќ изрази задоволство од посетата на нашата земја, многубројните средби и обраќањето во македонскиот законодавен дом. Ја потврди хрватската поддршка во сите области, особено за зачленување во Европската Унија во насока на добробит на граѓаните. Хрватите кои живеаат тука, се задоволни и лојални граѓани на нашата земја, а горди на своите корени, додека македонската заедница во Хрватска има статус на национално малцинство со истакната улога во општеството.

Присутните беа едногласни дека меѓународното право треба да остане над сè, а парламентарната соработка да се издигне на повисоко ниво преку Групите за пријателство. Простор за интензивирање на односите меѓу двете земји постои на полето на образованието, здравството, културата, спортот, бизнисот, економијата, трговијата, туризмот.