Американската администрација повеќе не размислува за потпишување договор со Украина за минерали од ретки земји и други суровини, потврди американскиот министер за финансии, Скот Бесент.
„Невозможно е да се постигне економски договор, без мировен договор. Основниот услов за секој економски договор е украинското раководство да сака мир“, рече Бесент во интервју за телевизијата Си-би-ес.
Запрашан дали сè уште е можен договор, тој одговори: „Во моментот не“.
Изјавата доаѓа по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Вашингтон минатиот петок, каде што тој се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.
Средбата, која требаше да заврши со потпишување на договорот, заврши бурно, со повишен глас пред насобраните новинари, а Трамп го обвини Зеленски за непочитување на САД. Потпретседателот Џеј-Ди Венс се приклучи на критиките посочувајќи дека Зеленски никогаш не ѝ се заблагодарил на Америка за нејзината помош за Украина досега.
По инцидентот, планираната заедничка прес-конференција беше откажана, а Трамп на својата социјална мрежа „Вистина“ објави дека Зеленски не е подготвен за мир./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...