Измените на Законот за трговија откако ќе бидат објавени во службен весник предвидува во рок од 45 дена од денот на влегувањето на сила на истиот трговците на своите веб страни да ги објават цените на сите производи кои ги продаваат во своите продавници.
Во наредните 10 дена ќе бидат објавени и правилниците кои ќе пропишуваат на кој начин ќе се објавуваат цените од страна на трговците.
Со овие законски измени очекуваме поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкуретност и намалување на цените, рече неодамна министерот за економија Дурмиши.
Иако и досега маркетите објавуваа флаери со промоции на голем дел од асортиманот, властите сметаат дека “граѓаните сега ќе можат да одберат каде ќе ги трошат нивните пари, ќе знаат за секој производ во кој маркет по која цена се продава еден ист производ”.
– Ваквата мерка ќе донесе до зголемување на конкурентноста помеѓу трговците, и намалување на цените на производите. Потрошувачите ќе бидат целосно информирани за тоа кој производ колку чини кај кој трговец, убеден е Бесник Дурмиши, министер за економија.
Со ова се очекува до средината на април поголемите маркети (без маалските продавничиња) да имаат веб страници кои ќе бидат јавно споделени со јавноста и кои ќе се ажурираат секојдневно со сите производи и нивните цени.
Сепак граѓаните, но и опозицијата се скептични дека оваа мерка ќе донесе некакво намалување на цените.
– Министерот за економија, Дурмиши, исто како и Мицкоски, очигледно не разбира што навистина треба да се направи за да се намалат цените. Објавувањето на цените на веб-страниците на маркетите не е никаква мерка – тоа е евтин и смешен обид да се прикаже дека нешто се работи, додека граѓаните тонат во сиромаштија. Во моментов државата се соочува со сериозна економска криза. Цените растат неконтролирано, струјата и парното поскапеа, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Наместо да преземат конкретни чекори за справување со кризата, Дурмиши и Мицкоски избраа мерка што нема никаков ефект, игнорирајќи ги сите реални решенија што навистина можат да го подобрат животниот стандард на граѓаните, реагираа од СДСМ.
Од СДСМ прашуваат и дали Дурмиши воопшто е свесен дека денес се потребни три минимални плати за да се покрие потрошувачката кошничка? Дали знае дека во време на СДСМ беа потребни само две? Дали барем еднаш се симна меѓу граѓаните за да ги праша како преживуваат со неговите “мерки”?
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...