Вчерашното гласање во Обединетите нации предизвика сериозни реакции во јавноста, откако Северна Македонија се воздржа од поддршка на резолуцијата на Европската унија за Украина, ставајќи се во ист ред со Унгарија како единствените европски земји кои не ја поддржаа оваа иницијатива. Според СДСМ, Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски направила дипломатски преседан – Македонија била коспонзор на американската резолуција, но потоа повторно гласала „воздржано“ за неа.
СДСМ денес со соопштение реагираше на ваквата нејасна и штетна надворешна политика на Владата. „Ваквите одлуки укажуваат на целосен аматеризам во водењето на надворешната политика на земјата. Со само еден потег, Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД,“ се вели во соопштението на партијата.
Социјалдемократите потенцираат дека нивниот став за војната во Украина е јасен и усогласен со европските позиции. „Ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ: Русија е агресор и изврши неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина која е суверена и независна држава. Овој став е принципиелен и непроменет“, стои во реакцијата.
Паралелно, опозициската партија го критикува Мицкоски за неговиот пристап во носењето на одлуките. „Ставовите на Мицкоски дека сами они така одлучиле за резолуцијата, за прашања кои се многу важни за иднината на земјата, е многу погрешен. Кога се носат одлуки за стратешките позиции на земјата, премиерот не може да каже „затоа што така јас одлучив““, наведуваат од СДСМ.
Од партијата дополнително истакнуваат дека вчерашниот дипломатски преседан е доказ за некоординираноста на Владата. „Вчера се случи преседан во македонската меѓународна политика. За прв пат ние бевме земја коспонзор на резолуција за која гласавме воздржано. Ова укажува на голема некоординација и нејасна насока на Владата како да се постави во оваа комплексна геополитичка ситуација“, предупредуваат од СДСМ.
Социјалдемократите инсистираат на јасна и конзистентна надворешна политика, без калкулации и избрзани одлуки кои го компромитираат меѓународниот углед на земјата. „СДСМ инсистира на јасна, конзистентна и усогласена надворешна политика која ќе ги почитува и зајакнува нашите меѓународни партнерства, а истовремено ќе ја води државата кон нејзината примарна стратешка цел – членство во Европската унија“, стои во крајот на соопштението.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...