Наместо да донесат одлука што директно ќе го олесни товарот врз семејните буџети, пратениците од владејачката коалиција одбија да ги поддржат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ, со кои предложивме намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто и укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи, објави пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи.
Како што рече, во време кога цените на храната растат без контрола, кога електричната енергија стана најскапа во регионот, кога граѓаните се принудени да живеат во постојана неизвесност за наредниот месец, мнозинството ги отфрли конкретните мерки, што веднаш ќе значеа помали сметки за струја и поевтина храна.
Предлогот предвидуваше намалување на ДДВ-то за струјата, што, како што велат предлагачите, ќе значеше 13 отсто пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки, заштедата ќе беше уште поголема.
Истото тоа важи и за основните прехранбени производи. Намалувањето на ДДВ на нула проценти ќе значеше директно поевтинување на храната, односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите други основни продукти што секојдневно ги купуваат граѓаните, рече Битиќи.
Најави дека СДСМ ќе продолжи политички да се бори за системски решенија за замрзнување на цените на основните производи, за фиксни маржи што ќе спречат злоупотреби, за итна примена на Законот за нефер трговските практики, за поевтин зелен картон и за зголемување на платите преку замрзнување на придонесите./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...