12. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Цветков до Дурмиши: Кој ќе преземе одговорност за дебаклот со мерките и штетата по џебот на граѓаните?

Пратеникот на СДСМ, Борче Цветков, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за тоа кој ќе понесе одговорснот во власта за дебаклот со мерките и така наречените „кошнички“ со што за осум месеци ги доведе граѓаните до работ на егзистенцијален колапс. Високи цени, погрешни мерки и стагнација на платите.

Во продолжение, интегрален текст на прашањето:

„Неспособноста и несериозните мерки на власта, за осум месеци ги доведе граѓаните до работ на егзистенцијален колапс.

Колеги пратеници од власта, не знам дали сте свесни, но секоја ваша нова мерка за наводна заштита на стандардот на граѓаните, не само што е задоцнета, туку и нема допир со реалноста и со она што значи вистинска потреба на граѓаните.

Осум месеци си играте со граѓаните, со нивната егзистенција. Осум месеци водевте инает, не прифаќате туѓи предлози како да се справите со предизвикот на високите цени на прехранбените производи.

Ветувавте подобар живот за граѓаните, ветувате грижа за се што ги засега. Што направивте?

Смисливте добра ПР кампања со есенска, па новогодишна кошничка за наводно пониски цени на прехранбените производи. И двете кошнички ви доживеаја дебакл. Цените наместо надолу, вртоглаво пораснаа, заради тоа што со вашите мерки им дозволивте на трговците да печалат на грбот на граѓаните.

Ги оставивте граѓаните сами да се снаоѓаат и да си да го решат проблемот, да ги бојкотираат маркетите, во услови кога од тој што треба – власта, не добија никаква заштита.

Да биде апсурдот поголем, нај лицемерно вие министре Дурмиши и премиерот Мицковски, истите вие што ги донесовте погрешните мерки, го поддржавте бојкотот.

Со тоа го признавте неуспехот на погрешните мерки. Но, паралелно го признавте успехот на Владата на СДСМ за креирање на економски политики и мерки.

Вашата најнова мерка за замрзнување на маржите, донесена под притисок на јавноста, е истата онаа мерка која како опозиција вашиот премиер Мицковски гласно критикуваше дека не дава ефект.

Но сега од оваа перспектива, во состојба на безидејност, моравте да прикажете дека нешто работите, па најлесно ви беше да ја ископирате мерката од 2022 година.

Министре, и оваа мерка во дадениов момент ви е задоцнета, парцијална и ќе даде минорни и нецелосни ефекти, кои нема драстично да ги почувствуваат граѓаните … Потрошувачката кошничка нема да биде којзнае колку поевтина, оваа мерка нема целосна да го санира веќе оштетениот семеен буџет.

А знаете зошто? Затоа што со претходните мерки вие веќе дозволивте цените да достигнат плафон, а дополнително, платите не растат.

Колеги пратеници, овој потег на власта е само создавање лажна слика дека владата се грижи за граѓаните и работи, но реалноста е сосема друга-граѓаните секојдневно се борат да преживеат.

Очигледно до толку сте неинвентивни, што предлагате решенија со кои простете на изразот – ама си играте мајтап со граѓаните. Вашиот премиер Мицковски предлага маркетите да ги објавувале цените на нивните веб-сајтови, а граѓаните сами да си споредуваат.

Ова е поигрување и потценување на интелигенцијата на народот, народот што ве гласал. Каква корист имаат граѓаните од тоа што ќе ги гледаат и споредуваат цените? Еве објаснете, како тоа ќе влијае на потрошувачката кошничка?

Ви личи вас ова на сериозна економска политика и стратегија за заштита на животниот стандард?

Оваа Влада за осум месеци не понуди ниту една успешна економска мерка. Оваа Влада нема визија и волја за преземање на реални издржани мерки за намалување на цените. Наместо конкретни решенија вие нудите „рецепти за експерименти“. Граѓаните скапо ја плаќаат вашата неспособност.

Во јануари годинава потрошувачката кошничка достигна 63.252 денари, што е пораст од скоро 400 денари месечно, а во споредба со јануари 2024 година, зголемувањето е за 6.000 денари.

Платите стагнираат, ниту имате слух да ги покачите. Не го продолживте системот на СДСМ за континуиран раст на платите. Како со две минимални плати од 22.567 денари граѓаните да преживеат? Невозможно е.

Не го прифативте предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ за прехранбени производи, решение со кое реално ќе се намалат цените. Не го прифативте ниту предлогот за раст на минималната плата , а останавте глуви за предлози кои се од интерес на граѓаните.

Оттука, моето прашање до вас министре Дурмиши е, кој ќе преземе одговорност за штетата што им е нанесена на граѓаните?“