3. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Мексиканската претседателка: Ќе одговориме на САД, одиме напред со план Б

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум нареди воведување царини како одговор на одлуката на САД да воведат царина од 25 отсто за стоките што доаѓаат од Мексико, во услови на избувнување на трговска војна меѓу двете соседни земји.

Во подолг пост на Икс, Шејнбаум рече дека нејзината влада бара дијалог, а не конфликт, со нејзините најважни трговски партнери на север, но дека Мексико е принудено да одговори на ист начин.

„Му наредив на мојот секретар за економија да го спроведе планот Б, на кој работиме, кој вклучува царински и нецарински мерки за одбрана на мексиканските интереси“, објави Шејнбаум, иако не кажа кои американски стоки има намера да ги царини.

Со децении, двете земји имаат развиено трговија меѓу нив, вклучително и високо интегрирана автомобилска индустрија, како и големи количини сурова нафта, природен гас и моторни горива кои се движат во двете насоки.

Мексико исто така испраќа големи количини свежи производи на север, вклучувајќи авокадо и домати, додека американските фармери испраќаат големи количини пченка и други житарки во Мексико.

САД се далеку најважниот странски пазар за Мексико, при што Мексико ја надмина Кина како главна дестинација за американски извоз во 2023 година.

Мексико се подготвува за воведување царини од 5 до 20 отсто за увоз на свинско месо, сирење, свежи производи и челик и алуминиум од САД. Автомобилската индустрија, барем во почетната фаза, би била поштедена.

Извозот на САД во Мексико во 2023 година изнесуваше повеќе од 322 милијарди долари, додека САД увезоа повеќе од 475 милијарди долари мексикански производи, покажуваат податоците./Извор:Makfax