Влада: Мицкоски на бројни економски и политички средби во Вашингтон, се лобира за интересите и напредок на државата
Интегрален текст од соопштението на Владата:
Во текот на вчерашниот ден, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски присуствуваше на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД кои се оддржаа во Вашингтон.
Тој оствари средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли со кого го проследија поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.
Меѓудругото престојот во Вашингтон беше искористен и за бројни средби каде се лобираше за македонските интереси.
Премиерот Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“ организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“, која се одржа по инаугурацијата, оствари средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на Претседателот Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.
„Разговор во кој зборувавме за Македонија, нашите предизвици, но и можности. Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и администрацијата на Претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзо растечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн, нашиот глас е се посилен.”, истакна за средбата премиерот на македонската влада, Мицкоски.
Истовремено македонскиот премиер оствари разговор со Ендру Пејкоф, канадски бизнисмен со македонско потекло, основач и Претседател на „Нијагара Ботлинг“, компанија која има годишен приход од околу 4 милијарди американски долари и околу 5000 вработени. Компанијата е основана во 1963 година и денес е најголема компанија на американскиот пазар од оваа област.
„Инвестициите на Нијагара Ботлинг во Македонија се добредојдени. Македонската дијаспора е клучен елемент во системот, нашиот глас и аргументи да бидат појасни и посилни во Светот. Обновуваме но и создаваме нови можности и партнерства со секој што може да помогне државата.”, истакна Мицкоски за средбата.
Претседателот на македонската влада Христијан Мицкоски се сретна и со Џеси Спиро, главен директор во „Тетер“ и одговорен за стратешките односи со владите во Светот. „Тетер“ е најголемата компанија во Светот која менаџира дигитален капитал, крипто валути. Профитот на компанијата во 2023 година е 6,2 милијарди американски долари, а само во првата половина од 2024 година профитот на компанијата е 5,2 милијарди американски долари.
За средбата Мицкоски истакна:
„Разговаравме за крипто пазарот, иднината на крипто валутите и блокчејн технологијата. Секоја инвестијата на „Тетер“ и споделено искуство од најголемите во својата област е добредојдено. Мора да чекориме со големи чекори напред. Предизвиците на иднината не смееме да ги игнорираме.”