Канадскиот премиер Џастин Трудо во средата изјави дека изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за можна анексија на Канада се тактика дизајнирана да го одвлече вниманието од влијанието на царините што тој ги предложи.
Трамп, кој рече дека ќе воведе царини од 25 отсто на сите канадски увозни производи, освен ако Отава не ја зајакне граничната безбедност, во вторникот рече дека може да употреби „економска сила“ за да ја направи Канада 51-та американска држава.
„Она што мислам дека се случува е дека претседателот Трамп, кој е многу вешт преговарач, некако им го одвлекува вниманието и ги збунува луѓето со овие изјави“, изјави Трудо за Си-ен-ен.
„Нафтата, гасот, струјата, челикот, алуминиумот, дрвото, бетонот и сè друго што американските потрошувачи купуваат од Канада одеднаш ќе поскапат ако тој продолжи со овие царини“, истакна тој.
Трудо, кој оваа недела рече дека шансите Канада да стане дел од Соединетите Држави се како снежна топка во пеколот, повтори дека Отава ќе воведе контрамерки доколку Трамп ги реализира неговите најави.
Трудо потсети дека за време на билатералниот трговски спор во 2018 година, Канада воведе царини за кечап Хајнц, карти за играње, бурбон и мотоциклите Харли Дејвидсон – „работи што би им наштетиле на американските работници“.
Но, тој додаде дека Канада не сака да го стори тоа бидејќи ги зголемува цените за Канаѓаните и го повредува својот најблизок трговски партнер./Извор:Makfax