Влада не ја гледа објективноста на барањето за лидерска средба. Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање за барањето на опозицијата за одржување лидерска средба, го повика СДСМ да го официјализира барањето.
Според неа, прилично е чудно што барање за лидерска средба доаѓа преку медиуми.
„Се надеваме дека знаат да испратат официјални барања за лидерски средби, нека испратат и ние ќе размислиме и ќе одлучиме“, изјави Митева.
И премиерот Христијан Мицкоски верува дека нема потреба од одржување лидерска средба за стабилноста на државата.
„Ако навистина има аргументи да се оди во таа насока, зошто да не, но не гледам причина за такво нешто во моментот, ако гледам објективно“, изјави Мицкоски.
Од СДСМ попладнево велат дека е шокантно што Митева и Владата сметаат дека безбедноста и мирот во државата не заслужуваат лидерска средба, особено во услови кога секојдневно има нови вооружени инциденти на улиците и растечки тензии со подгревање на меѓуетничките односи.
„Вчера повторно се пукаше во Чаир, има и повредени, пред само еден ден запалени беа возила и дуќан во Куманово, а претохдно се пукаше среде Скопје. Над 25 инциденти со огнено оружје се случија во изминатите неколку месеци. Од друга страна, се случија сериозни инциденти со палења на македонското државно знаме, деца во униформи во училишта, повици за реваншизам и дополнителни тензии. Сериозно се подгреваат страстите, кои влијаат на влошување на меѓуетничките односи, а кои се темел на стабилноста на земјата. Затоа, неопходно е сите релевантни политички фактори да преземат одговорност за смирување на растечките тензии и обезбедување стабилност“, велат од СДСМ.
Опозициската партија додава дека е потребен итен политички дијалог за да се надмине тековната криза, да се смири наелектризираната атмосфера и да се испрати јасна порака до јавноста за смирување и стабилност./Извор:Makfax