Пишува: Ненад Јовановиќ
Што да речам на почеток, а да не погрешам? Може и насловот е претенциозен (?), може и хетеро-нормативот на „машкоста“ во земјава ќе добие друга перспектива во својата глава за тоа што „рецензентот“ со овој наслов има на ум?
Тјах (!), нема ништо на ум, едноставно има да ви каже дека постои една девојка, ма што девојка – феноменална писателка, самоникната, самоиспилена, пишува проклето добро, пишува „органски“, читајќи ја човека го стаписува, го прави непокретен и длабоко замислен, а се вика Румена Бужаровска. Ни напиша, меѓудругото и книга-есеи, со наслов „Господ, па Америка“.
Добро, се правам по малку наивен и „неинформиран“. Си мислам дека никој не знае која е Румена, а себе се убедувам дека јас меѓу првите информирам за новата книга-есеи. Добро, знам дека сите се’ знаат ама скромно си молчат. Или може не молчат, едноставно баш им е гајле. Е, има и такви на кои им е гајле, ако ме разбирате што сакам да кажам.
Бужаровска е најголемиот културен извозен производ на Македонците во светот, ever!
И’ што тебе ти е целта сега, о, црни Ненаде – да скубнеш од нејзината светска слава? Јок, море, книгата е во слободна продажба, си ја купив од мака бидејќи Камала Харис изгуби на претседателските избори во Америка. Ете, чудни се „менталните пространства“, па отидов во книжара, уредно си ја платив книгата и седнав да ја читам.
Добро, сега некој друг може да рече: како, сега, море, „најголем културен извозен производ на Македонците“ (?) кога не игра тенис или фудбал, не е шампионка во кик-бокс, пливање, кајак на диви води, не е ниту балерина (иако пишува и прави ментални салта како балерина), а не е ниту во партија, не се занимава со бизнис, нема камиони и шлепери, нема градежна фирма, нема ништо од се’ она кое претставува омилен „спорт“ на Македонците. Уште и се занимава со дисциплина која е омразена меѓу овдешниот свет, а тоа е пишување на прозни книги и „автобиографска есеистика“.
Каква „безобразница“ е таа Румена.
Добро, ајде сега да ги оставиме Македонците малку на ‘раат да си продолжат во својот „спорт“, а ние да се вратиме на главната тема.
Имено, ja прочитав „Мојот маж“ и „Не одам никаде“, ама овде не сме за тие книги кои од Бужаровска направија регионална и светска книжевна sвезда. Не сме тука ниту да кажеме дека нејзините дела се преведени на повеќе од четиринаесет јазици; овде не сме да кажеме дека нејзините текстови се распослаа на шест театарски претстави во земјата и светот. Овде сме за последната нејзина книга-есеи за коja, ако добро приметувам од претходни дела, се и најавтобиографски.
Како приметив дека се најавтобиографски?
Румена во книгата есеи Господ, па Америка (Издавачки центар ТРИ, 2024. година) се присеќава на своето минато проживеано во Америка, а знаеме дека сеќавањето во себе го има оној златен сјај за настаните кои го немале тогаш кога се случувале. Просто речено, нашите сеќавања се една врста на проза. Ние сопствените сеќавања ги организираме онака како што организираме проза ако ја пишуваме. Така што нашите сеќавања се невтемелени, ама убави. И како секоја врста на книжевност, па така и сеќавањето, се разликува од таканаречената „реалност“ по тоа што мора да има смисла.
Реалноста обично нема смисла, ама нашите спомени и сеќавања мора да имаат смисла. А како Румена Бужаровска ги посложила своите сеќавања од минатото, очигледно е дека се работи за многу драги спомени од нејзиниот ран и адолесцентски живот во Америка.
Се гледа дека низ многу работи нејзиното растење било во многу што и трауматично, посебно за девојка која била и едно од децата кои „случајно се нашле во туѓа земја“.
Во книгата „Господ, па Америка“ имаме 13 главни наслови и купишта поднаслови. Како читате, така ви провејува меланхолија, тага и осаменост. Среќни сте кога и’ доаѓа нејзината Марина, се радувате кога заедно заминуваат за Јужна Аризона, притоа ве фасцинира нејзината љубопитност која секогаш е испровоцирана од детаљите кои ги гледа и прима во себе, уживате кога ја слушате како сака да скршне од патот само за да го види sидот на Мексико.
Уживате во нејзината сестраност во школските и средношколските денови; ве фасцинираат училиштата во кои одела на единаесет и осумнаесет години. Посебно ми се допадна „феноменологијата на училниците“ на американските деца кои смејат да седат во своите клупи како си сакаат, не ги терале да седат во парови, не биле принудени да делат било што со некој што не им се допаѓа, ниту пак да заглават со оние кои не им се допаѓаат цела година.
Секое дете имало сопствена масичка со фиока, шкафче за книги за кои самите си сноселе одговорност.
„Во средно сфатив дека и покрај тоа што Марина е родена Американка и ништо друго, ја сметаа за малцинство, што ми беше шокантно. Дури сега сфаќам што значи да си човек со обоена кожа во параноична држава полна со полицајци. Сепак, малку ме утешува тоа што мојата бела кожa може да не’ поштеди од ужас. Како и фактот дека сме жени. Се чини дека школските убијци во Америка во најголем број се мажи, и главно се бели. Си мислам, брутално е ова место.“ (Господ, па Америка, Румена Бужаровска)
Кога го читам овој пасус, а не и само овој, очигледно е дека кај Румена нема никакви вишоци, празни метафори „во од“; прочистена реченица која го одмрзнува секое замрзнато делче во нашата свест. Тоа едноставно речено е мајсторија на ретките писател(к)и. Не знам каде сум ја прочитал оваа реченица, ама мислам дека е соодветно да се послужиме: „вие може да ги изгубите луѓето, ама сликите за луѓето не може да ги изгубите никогаш“.
Само вредни и посветени писатели пишуваат во слики, а сликите на Румена во оваа книгa, нејзините описи за местатa, пејзажите, големите американски пространства, не може никогаш да ги изгубите или да ви се избришат од вашата свет.
Не знам на кои клучеви се потпира, не сум и’ светел додека пишувала, не знам ниту како ги работи своите „книжевни скици“, ама ова – дури и за лаик како мене – навистина е вистинска мајсторија.
Ваква сонда на истражување и впивање (почетен, средишен и краен дел), барем за мене, претставува капитално дело за една земја за која ние, луѓето кои сме растени и „развивани“ на овие бившојугословенски простори, имаме очигледно погрешна перцепција за себе и светот за кој сме го посакувале и сонувале. Или едноставно за тоа е виновна масовната поп-култура која ни создавала преголема илузија за тоа „бртуално место“ наречено Америка?!
Книгата се допира до теми за расизмот: белата супремација на мажи и жени се’ уште е брутална и доминантна према црните мажи и жени. Патувањата низ таа огромна и „празна“ Аризона, сиромаштијата, пиштоли и пушки, пукање со AR-15 во лименки на пустина, стрелиштето во јужен Феникс, мешањето на светови помеѓу конзервативната и либералната Америка, мачките на Хемингвеј во Ки Вест на Флорида, државни паркови, плажи, хотели… Сјајната Румена, жими мајка, е „полуда“ во (о)пишувањето од еден Џек Керуак во неговото капитално дело „На пат“ – и подобра од еден од најголемите икони на американската книжевност на сите времиња.
Господ, па… Румена. Керуаче, кој те врти, брате – ние си ја имаме Румена!
Во секој случај, ајде да ги намалам впечатоците, затоа што ние современиците ми се чини дека не сме компетентни творештвото на Румена да го напаѓаме или глорификуваме. Ова дело за некои 100 до 150 години ќе го чита и тумачи некоја студентка на Беркли по компаративна книжевност, и таква или некоја слична личност ќе има каже на некои други генерации што, всушност, сјајната Румена Бужаровска пишувала во минатото.
Во секој случај, топло ви ја препорачувам оваа брилијантна книга. Сите луѓе кои ги сретнав, усмено книга им ја препорачав. Со денови сум насмевнат, воодушевен и расположен од описите за Америка. „Господ, па Америка“ е книга за „замрзнатото море во нас“.
А Румена ги одмрзнува нашите духовни глечери на еден магичен начин. Пробајте, не чини ништо, а ефектот е долготраен.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.