22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Министерство за Локална Самоуправа
МАКЕДОНИЈА

Министер Перински во Словенија: Словенечките искуства значително ќе придонесат за зајакнување на капацитетите за нашата европска перспектива

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, престојува во тридневна студиска посета на Словенија во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како дел од неговата агенда за размена на искуства и примена на позитивни практики на земјите од регионот во насока на подготовка на планираните измени на Законот за локална самоуправа. Министерот денеска одржа средби со првиот човек на Министерството за кохезија и регионален развој, Александар Јевшек и со Франц Пропс, кој раководи со Министерството за јавна управа.

Начинот на спроведување на политиките за рамномерен регионален развој и изворите за финансирање, беа во фокусот на средбата со министерот Јевшек, кој раководи со Министерството кое е одговорнo за спроведување на европската политика за кохезија и регионален развој. На средбата министерот Перински се информираше и за организационата поставеност на Министерството, кое практично ги извршува истите функции како и Министерството за локална самоуправа, но, со една значајна разлика, кај нас политиката за рамномерен регионален развој главно се спроведува со средства од буџетот на државата и не управува со средствата од ИПА Програмата.

Министерот Перински, средбата со колегата Пропс ја искористи да се информира за дигитализацијата на административните услуги кои ги обезбедуваат општините во Словенија, како се одвивал процесот на дигитализација и помошта на централната власт за дигитализацијата на локално ниво, а разговараа и за законската рамка со кои е регулирана соработката на словенечките општини со граѓанскиот сектор, изворите за нивно финансирање и за начинот за вршење надзор над работењето на единиците на локалната самоуправа и нивната транспарентност.

„Разменетите искуства и позитивни практики и од оваа студиска посета, како од неодамнешната на Србија, ќе може да ги искористиме при подготовката на измените на Законот за локална самоуправа со цел за пофункционални општини и поефикасни јавни услуги по европски нормативи. Средбите се и од исклучителна важност за нас како држава која се стреми за влез во Европската Унија и интензивно работи на неопходните реформи, пат кој Словенија веќе го минала и веќе две децении е рамноправна членка на европското семејство“, истакна министерот Перински по средбите на кои се заблагодари за постојаната поддршка која Словенија ја дава за европската перспектива на нашата држава, како и за споделувањата на искуствата во овој процес.

Перински истакна дека со министерот Јевшек договориле на техничко ниво во периодот во којшто ќе следи да се формираат работни групи за размена на позитивните искуства од Словенија, а кои ќе користат при започнатиот процес за измени на Законот за локална самоуправа.

„Да го спречиме заминувањето на младите луѓе од неразвиените региони. Да обезбедиме развој заснован на децентрализација врз принципот на општествениот развој и оној дел од земјата кој послабо е развиен да се развие побрзо и да ги достигне оние кои веќе се развиени. Тоа е смислата на кохезијата, смисла на усогласениот регионален развој“, изјави министерот за кохезија и регионален развој, Јевшек, по средбата со Перински, на која се заложиле за продлабочување и интензивирање на соработката помеѓу Македонија и Словенија во областа на регионалениот развој.

За таа цел, Словенија како земја членка на Европската Унија ќе се заложи на Македонија како претендент за членство во ЕУ, да ѝ помогне околу искористување на средствата од европските фондови за регионален развој, од кој бенефит би имале сите граѓани во регионот, а значително би помогнало и за намалување на трендот на исселување на младите од државата.