22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Во текот на викендот се подигнати 70 кубни метри непрописно одложен отпад

Во текот на изминатиот викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа активности за отстранување приближно 70 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Гази Баба, Центар, Карпош и Ѓорче Петров.

Во општината Чаир е интервенирано на улиците Вуковарска и Крсте Асенов, каде што се подигнати 30 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад.

На улиците Борис Сарафов, Никола Пушкаров и Христо Батанџиев во општината Ѓорче Петров беа подигнати околу 10 кубни метри непрописно одложен отпад од од картонска амбалажа, додека во општината Карпош се отстранети 20 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани на улиците Прашка и Брадфордска, во непосредна близина на ресторанот „Македонска куќа“.

Воедно, за време на викендот се реализирани активности за расчистување диви депонии на улицата Васил Ѓоргов во општината Центар, како и на улицата 16-та Македонска бригада во скопската општина Гази Баба.