3. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Двајца белгиски новинари ранети во Бејрут, едниот има фрактура на лицето

Двајца новинари на белгиската телевизија ВТМ се повредени денеска во Бејрут додека известувале за воздушен напад врз центарот на либанската престолнина во време на отворен конфликт меѓу Израел и Хезболах, соопшти нивната редакција.

Воениот репортер Робин Рамаекерс доби фрактура на лицето, а камерманот Стијн де Смет си ја повреди ногата, така што и двајцата беа хоспитализирани. Нивната редакција телефонски разговарала со нив и било потврдено дека не се во животна опасност, изјави портпаролот на медиумската групација „ДПГ медија“, сопственик на ВТМ.

Седум лица беа убиени во израелски воздушен напад врз градот во четвртокот наутро, еден ден по убиството на осум израелски војници во судирите со Хезболах. Израел соопшти дека извршил прецизен воздушен напад врз Бејрут. Три проектили го погодија и јужното предградие Дахиџе, каде што минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.

Белгиското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе ја следи состојбата на своите повредени новинари. Во Либан моментно има речиси 1.800 белгиски државјани, а стотина изразиле желба да ја напуштат земјата, соопшти белгиската дипломатија додавајќи дека ќе им помогне во тоа./Извор:Makfax