Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот го критикуваше министерот за одбрана Јоав Галант и го обвини за анти-израелски наратив, што укажува на продлабочување на јазот во владејачката елита на Израел. Локалните медиуми оваа недела објавија дека Галант, обраќајќи им се на пратениците на приватен состанок за безбедност, рекол дека идејата на Нетанјаху за апсолутна победа над Хамас е глупост.
Канцеларијата на Нетанјаху возврати на коментарот, велејќи дека изјавите на Галант ги загрозуваат преговорите за ослободување на заложниците. „Кога Галант прифаќа антиизраелски наратив, тоа им штети на преговорите за ослободување на заложниците“, се вели во соопштението на Кабинетот на премиерот. Се додава дека Галант е должен да ги следи мисиите на Израел во Газа: елиминација на Хамас и ослободување на заложниците заробени од Хамас во нападите на 7 октомври.
Ова е само последен во серијата судири меѓу двајцата за време на повеќе од 10 месеци војна, а доаѓа додека Израел се подготвува за можен напад од Иран и Хезболах, пишува Си-ен-ен.
Имено, Иран и Хезболах ветија одмазда за убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханија, кој загина во експлозија во Техеран, и на врховниот воен командант на Хезболах, Фуад Шукр, кој беше убиен во израелски воздушен напад во предградијата на Бејрут.
Убиството на лидерот на Хамас, кој одигра важна улога во преговорите за прекин на огнот, ги поттикна стравувањата од ескалација на конфликтот. Иран предупреди дека ќе следи крвна одмазда, додека Хезболах рече дека крвта на Шукр не била залудно пролеана./Извор:Makfax