24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

КОЛУМНА НА ДАНИЕЛ СТАНОЈОСКИ: АНЕСТЕЗИЈА ЗА РАЦИОНАЛНАТА СВЕСТ

Првпат да сум во дилема како да започнам, односно со која реченица да „тргнамˮ во еден пишан текст преточен во колумна, но, ете, после една „контемплацијаˮ ќе ја искористам, употребам една мисла на еден (про)европски дипломат како увертира, своевремено кажана, која вика: „Ако изборите нешто можеа да променат, одамна ќе ги укиневмеˮ. Всушност, оваа изрека е „модифициранаˮ, бидејќи изворно му припаѓа на демократскиот тоталитаризам на т.н. „западоидиˮ (особен вид на луѓе), кои, во својот нарав имаат две битни одлики: не мислат, но чувствуваат. Преку својата пропагандна машинерија, со интенционалелн стремеж, можеле да создадат немислечки и без чувства суштества. Сепак, одлучиле да создадат немислечки, но емотивни суштества, бидејќи со емоциите многу полесно се манипулира, особено ако не се проследени со критичноста на мислењето. Односно, апроксимативно и привидно, на овие деперсонализирани надтела стануваат и земјите на Европската Унија.

Нема да се осврнам со посебен акцент да пишувам за политичкиот амбиент во Р. (С). Македонија, затоа што сѐ уште е рана фаза, иако, формално – правно не е формирана новата Извршна власт која, според некои цивилизирани и прогресивни постулати, треба да донесе економски напредок, мир, хармонија, благосостојба и демократизација во општеството и забрзување на Евроинтегративниот пат/процес. На опозицијата и требаат темелни сериозни реформи, а на конзервативната десница разумна државна стратегија и профилирани прагматични јавни функционери. Сите политички субјекти, декларативно, согласно нивните статутарни одредби ја застапуваат Европската перспектива како примарна, а од друга страна умешно и популистички им успева да „флертуваатˮ со граѓаните и народот, сè со цел да ја остварат и реализираат нивната зацртана цел, а, тоа е, профит преку партиските е-шалони кои, им обезбедуваат покритие за истите. Тргнувајќи од тука може да се констатира дека, уште на самиот почеток, согледувајќи ги актуелните општествено – политички разврски, зборот во француската лингвистика „дежа вуˮ, слободно може да се користи во колоквијален стил помеѓу граѓанството во македонското општество.

Кога јавно пишувам за одредени моменти и случувања, односно збиднувања на политичката сцена, секогаш се навраќам на празните зборови (флоскули) кои енормно брзо растат и стануваат вирални низ интернет просторот, за да го маневрираат просторот и ги хипнотизираат консументите на вести, за да можат да им наметнат беспоговорно една реторика на хипокризија која, од друга страна, постепено ја гризе здраворазумската свест и моралниот ков, апропо, силно вткаен е анимозитетот и антагонистичкиот наплив на омраза преку некултурата и недоличното однесување низ јавниот дискурс. Виреат ниски страсти „облеаниˮ преку оскудни меѓучовечки (ко)релации без никаква суштина – односно, сѐ поголем растеж на проток на комуникации запазувајќи ја само проформата, табу – конверзации и трачарски малограѓански секојдневни „сплеткиˮ без никаква значајна содржина. Го изгубивме компасот и таксативно се оддалечивме од сѐ она што значеше благородно човекољубие, пример за племенитоста и моралните остварувања како човечки битија. Кариеристите и медиокритетите се во сериозен подем, поткрепени од аристократијата, инхерентно се поврзани со зголемен степен на синтетизирани ставови без аргументирана анализа и поимање. Станавме пример, и по дефиниција, и на дело за поимот дистопија. Застрашувачко општество – избришани се трагите помеѓу напредокот и опскурноста. Тука, во овој пасус ќе си земам право да го цитирам еден од најлуцидните хрватски драмски писатели, Слободан Шнајдер, кој вели: „Очајно е тешко да се биде интелектуалец во пресвртно време“.
Когнитивно, треба повеќе да се посветиме, да осознаваме, континурано да твориме, (про)активен ангажман – основна компонента и сржта на една демократска зрелост, како и, научиме да вреднуваме индивидуални капацитети. Нема нешто што е повредно од интегративноста. Чесно и доблесно е да се оддаде признание, поради промоцијата на вредностите – тоа ни е човекова, но и професионална обврска. Денес, аурата на ирационалност лебдее над нашите глави и на хоризонтот и натаму не се наsира некој основен тек или визија што би нѐ обединила. Нејсе, тотално е замаглен критичарскиот активитет, критичкото размислување, а во сериозен дефицит сме и од креативен дигнитет. Нашиот целокупен општествено – политички систем е сведен на хегемонија, изопачени морални и човечки вредности. Неприфатени рационални аргументи водат кон кочење/опструирање на патот кон прогресот што доведува до ефемерни резултати. Со ваква апсурдна воспоставена практика нема прогрес, нема вредности кои водат кон цивилизациски просперитет. За жал, злото, личната суета и интерес, славољубието, егоцентризмот, алчноста, љубомората, препотентноста, самобендисаноста ги потиснаа животните квалитети и вредности.

Наместо државните и политички прашања да се решавааат супсидијарно, сведоци сме дека летимично се прогледува на нив, а тоа резултира со рапидно тонење во суициден регрес, и како народ, но и како држава. Интелектуалното јадро е маргинализирано, а професионалниот интегритет занемарен. Доаѓаат до израз категоријата на луѓе – аналфобетици, епигоните – послушниците кои прифаќаат беспоговорно сè, како „апсолутна вистина“. Примитивизмот и малограѓанштината, стихијно, полека, но сигурно, сукцесивно го уништи „виталното ткиво“ за она што треба да претставува во вистинска смисла „фундаментален агенс“. Ироничниот потсмев зеде огромен замав, а манифестиран од страна на суровите материјалисти, како и, експанзијата на јаловата и тривијална кадровска политика, кои без никаков авторитет и кредибилитет јавно изнесуваат пејоративи кон различните, го стигматизираат проникливиот дух, предводници се на „кауза“ на дегутантност, а меѓу другото и, ја втурнува во бездната чесната интелектуална групација. Самосвеста е неопходно да преовладува, односно естаблишментот и политичката „елита“ нека не се запрашува секојдневно зошто има толку голем број на одлив во други држава на кадри од здравството, од образованието, од културата и од сите други области; сфери на општественото живеење, бидејќи во еден девастиран систем најголема штета се алчноста и моралната неодговорност.
Борбата против пливнатиот примитивизам нема крај, односно таа е вечна борба, и, затоа, без промена на менталната склопка/матрица, без еволуција на свеста, состојбата „статус кво“ ќе биде перманентно актуелна – доминантна. Додека се глорифицира квазиинтелектуализмот, коруптивните зделки, некомпетентноста и подаништвото, правопропoрционално се деморализираат вистинските вредности и се демотивира висококвалитетниот профил на индивидуата а, аналогно на тоа, во медицински жаргон, се анестезира рационалната свест!
Ќе завршам со фуснотата: „Чекајќи го времето, ја губиме приликата. Чекајќи ја приликата – веќе го изгубивме времето!ˮ

Пишува, автор на текстуална содржина:
Даниел Станојоски
Демир Хисар
12.6.2024