23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Митрески-Силвестри: Македонија и Италија ги продлабочуваат пријателските односи, меѓусебната поддршка е значајна

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, денеска оствари средба со Андреа Силвестри, амбасадор на Италијанската Република во земјава.

Претседателот на Собранието Митрески оцени дека политичките односи меѓу Република Северна Македонија и Италијанската Република се одлични и се карактеризираат со интензивна динамика, а оваа динамика ја следи и соработката меѓу парламентите на двете земји. Тој изрази благодарност за долгогодишната искрена и одлучна италијанска поддршка за Република Северна Македонија на сите полиња, а особено во врска со исполнувањето на стратешките цели за евроатлантска инитеграција.

Претседателот Митрески го информираше италијанскиот амбасадор за планираните активности на Собранието на Република Северна Македонија до одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори, како и за предлог-законите кои се очекува да бидат разгледани од тековниот парламентарен состав.

Амбасадорот Андреа Силвестри се осврна на традиционално добрите и пријателски односи меѓу Република Северна Македонија и Италијанската Република во изминатите 30 години. Тој информираше за организирањето на бројни активности и настани по повод овој значаен јубилеј, меѓу кои е и издавањето и промоцијата на монографијата „30 години билатерални односи меѓу Италија и Северна Македонија“.

Амбасадорот му подари еден примерок од оваа монографија на претседателот на Собранието, нагласувајќи дека во неа се содржани документи и фотографии не само од институционалната, туку и од социјалната соработка меѓу двете држави. Тој нагласи дека Италија отсекогаш била еден од најсилните и најпринципиелни поддржувачи на евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија, а оваа поддршка ќе продолжи и во иднина.

На крајот од средбата, соговорниците изразија надеж за натамошно продлабочување на односите и соработката меѓу двете пријателски држави и меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Парламентот на Италија.