27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бојмацалиев: Истите ресурси кои Спасовски ги создал ги користиме и денеска

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во интервју во утринската програма на Клан ТВ беше запрашан за тоа дали некој некого опструира во МВР.

„Знаете, со доаѓањето на техничката влада се створи слика дека претходно Спасовски ништо не направил со тоа, се почнало со Панче Тошковски, тој го решил проблемот иако тој велеше дека нема магично стапче. Тоа беше една лажна вест која се пласираше во јавноста дека нема обрасци, дека има хаос, дека некој некого опструира. Ме критикуваа дека ги пречекав обрасците на граничен премин Богородица, ама има многу луѓе на кои им ја поништив лажната вест дека нема обрасци. Имаше и ќе има. Тендерот кој го спроведуваме од 2019 е направен токму од Спасовски, овие лични карти се први кои денес ги добиваме од новиот тендер исто така спроведен од Спасовски. Никој никого не опструира. Ова секаде го кажувам, ние со Спасовски како тим водевме грижа за секоја работа”, рече Бојмацалиев, појаснувајќи дека и салата Пролет и денес функционира како и порано.

„Во август, септември кога луѓето не се појавуваа на термин, тогаш ја отворивме салата „Пролет”. Истата таа сала и денес функционира. Таа сала ако се сеќавате ја нарекуваа хангар, логор, не знам какви погрдни зборови. Ништо не сменија два месеци, продолжија во истата сала. Едните се констатациите кога сме надвор од системот, други се кога сме внатре, кога сме ние во системот се е добро, кога сме надвор ништо не чини, ама кога ќе влеземе внатре истите ресурси ќе ги користиме кои Спасовски ги направил, иако тој не водел грижа. Тоа се тие лажни вести, се трудам попластично да објаснам граѓаните да разберат. Истите ресурси, истите луѓе што Спасовски ги создал ден денеска ги користиме и граѓаните добиваат услуга. Овие 400.000 обрасци од саботата се во магацините на МВР. Тоа е континуирана испорака во нормални услови ќе кажам не сме соопштувале, но во време на лажни вести одлучив дека секоја нарачка ќе ја соопштуваме во јавноста граѓаните да знаат дека МВР работи бидејќи имаме изграден систем”, рече Бојмацалиев.