Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) во февруари има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со инсталирана моќност од 29,16 MW, со што вкупната инсталирана моќност за две години и два месеца достигнува над 616 MW.
„Лиценци за нови енергетски инвестиции во капацитети со вкупна инсталирана моќност од над половина GW (616 MW) се издадени, изградени и пуштени во употреба за 26 месеци. За споредба, еден блок од РЕК ‘Битола’ е со инсталиран капацитет од 233 MW, а ‘Осломеј’ е 125 MW, од каде што се произведува струја од јаглен, тоа се капацитети што се граделе со години и се дефинираат како стожери во енергетската независност. Денес, за две години и два месеца изградени се и пуштени во мрежа нови енергетски капацитети со инсталирана моќност од 616,42 MW, што произведуваат струја доминантно од сонцето, но има и од ветер, вода и од биомаса. Ако направите споредба, денес имаме еден нов РЕК ‘Битола’ реализирано или три нови ТЕЦ ‘Осломеј’ – и токму затоа енергетската транзиција не е тема за дискусија тука таа е реалност“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Новите енергетски капацитети со инсталирана моќност од 616,42 MW, што произведуваат струја од обновливи извори, се доволни за потребите на 194,5 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија.