22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска го демантира Велковски: Без да има конкретни информации со факти и докази излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија

„Набрзо деновиве ќе ги имаме конкретните записници по овие констатирани податоци“ вака заврши непотребната и лажна прес-конференција на техничкиот министер Велковски за информации кои не се плод на неговата работа. Повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството, е наведено во демантот на дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска откако министерот Ѓоко Велковски кажа дека имало милионски криминал во МТСП со социјалната помош.

Во демантот се додава: „Тренчевска во јануари потпишува меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи за размена на податоци за поседување на моторно возило во реално време. Ваквиот меморандум кој стапи на сила од февруари е мерка за превенција од злоупотреба на системот за социјална заштита. Конкретно Велковски се служи со информации кои се дел од транспарентните одлуки на Тренчевска. Тука не се работи за непостапување на службениците од социјална заштита туку за замајување на јавноста со нерелевантни податоци и засенување на видливите резултати од одлуките донесени од страна на СДСМ.
Пред потпишувањето на меморандумот податоците со МВР беа разменувани на месечно ниво со доставување на барање за проверка на информациите. Според Законот за социјална заштита секогаш кога ќе се утврди бесправна исплата на правата од социјална заштита лицата ги враќаат средствата. Истата пракса ќе се спроведи ако министерот најде било какви неправилности за исплата на Гарантирана минимална помош и социјална пензија.
До денес во секој случај каде е утврдено дека корисникот дал лажни информации за поседување на имот, правото од социјална заштита се укинува, а корисникот го враќа добиениот паричен надоместок.
Изминатите 50 денови министерот Велковски со јавноста не сподели ниту еден релевантен статистички податок, ниту еден факт и ниту една теза до денес не ја одбрани со аргумент. Вакви се кадрите на ДПМНЕ, без решенија и без конкретни знаења“, се истакнува во демантот од кабинетот на Тренчевска.