Денеска, во раните утрински часови, под раководство на предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал реализира акција во која е сузбиена организирана криминална група, која во периодот од август до ноември 2023 година извршувала кривично дело шверцување мигранти.
Извршени се претреси на пет локации во Скопје и Неготино, при што од слобода се лишени четири лица, а за едно лице се преземаат мерки за негово пронаоѓање.
Според МВР, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ф.И.(33), С.Б.(33), А.И.(26), тројцата од Скопје и А.А.(37) и А.Ј.(33), двајцата од Неготино, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в и „криумчарење на мигранти“ по член 418-б од Кривичниот законик и против Е.Б.(35), Б.С.(37), двајцата од Скопје, К.Е.(35), А.П.(37), двајцата Штип, Д.Ц.(44) од Виница, И.И.(19) од Куманово и Р.К.(32) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ казниво по член 418-в од Кривичниот законик.
Имено, во периодот од август до ноември 2023 година, од Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, под раководство на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамки на криминалистичка истрага, беше спроведена координирана полициска операција со цел расчистување на кривични дела кои се однесуваат на организирање на група за вршење на кривични дела криумчарење мигранти.
За време на истрагата е дојдено до сознанија дека Ф.И., Е.Б., С.Б и Б.С. заедно со лице од странство организирале криминална група во Република Северна Македонија, која организирала криумчарење на поголем број мигранти, најмногу од Непал и Сирија, кои претходно веќе биле пристигнати и одреден период престојувале на територијата на Република Србија и Република Грција. Во договор со лицето од странство, мигрантите на територијата на Република Северна Македонија биле пренесувани од територијата на Република Грција преку илегални премини во околината на Гевгелија и Демир Капија, а потоа со помош на водичи координирано се доведувале на претходно утврдени и договорени локации. Исто така, организаторите на истиот начин криумчареле мигранти на територијата на Република Северна Македонија, кои биле пренесувани од територијата на Република Србија во околината на кумановско – липковскиот регион. Од овие локации членовите на групата ги преземале мигрантите со патнички и товарни возила и ги превезувале преку илегални премини кон државите на Европската унија.
При реализацијата на оваа криминалистичка истрага беа извршени претреси кај пет лица во Скопје и Неготино. Од слобода се лишени четири лица, за едно лице се превземаат мерки за негово пронаоѓање, додека пет лица – членови на криминалната група веќе издржуваат затворски казни во Казнено – поправните установи Скопје, Идризово, Куманово и Гевгелија за претходно сторени кривични дела „криумчарење мигранти“, „силување“, „разбојништво“, „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, „одземање на моторно возило“ и „тешка кражба“. При извршените претреси пронајдени и одземени се поголем износ на парични средства, пиштол, патнички моторни возила, мобилни телефони, СИМ-картички итн. Во соработка со затворските установи извршени се прегледи кај лицата што издржуваат казна затвор, при што пронајдени се мобилни телефони.