16. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Претседателот Пендаровски ги посети компанијата „Везе шари“ и општина Пласница

Претседателот Стево Пендаровски, во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“, денеска, во селото Требош, општина Желино, ја посети компанијата „Везе шари“.

За време на посетата претседателот Пендаровски беше запознаен со тековната работа на компанијата, која годишно произведува над 30 милиони јајца и располага со 120 илјади кокошки и 60 илјади пилиња. Раководството на „Везе шари“ посочи дека произведуваат и месо, мелено месо и преработки од пилешко и говедско месо под брендот „Лекер“, а во рамките на компанијата функционира и постројката за производство на биогас и електрична енергија „Електро шари“.

Компанијата има широкораспостранета дистрибутивна мрежа и, покрај пласманот на домашниот пазар, врши извоз на јајца, месни и сувомесни производи во земјите од регионот и во Европската Унија.

Додадена вредност на компанијата е постројката „Електро шари“, која произведува 1 мегават-час електрична енергија, односно 8.760.000 киловат-часови годишно, како и 8.000 тони органско ѓубриво годишно. Како суровина се користат отпадот и нуспроизводите од фармата, како и другиот отпад од земјоделство, со што се позиционира како една од водечките компании во искористувањето обновливи извори на енергија.

Денеска, претседателот Пендаровски ја посети и општина Пласница и се сретна со Идает Карамалески, лице со оштетен вид. На средбата претседателот Пендаровски и Карамалески разговараа за животните предизвици и тешкотиите со кои како лице со попреченост се соочува секојдневно. Во оваа насока претседателот Пендаровски ги реафирмира неговите заложби за унапредување на положбата на лицата со попреченост и истакна дека нужно е конечно да се создадат услови за активно учество на овие луѓе во сите општествени текови.