15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Маркоска: Една третина од советниците имаат поднесено барање за суспендирање на ДУП-от во Ѓорче Петров

Денеска е ден на голема одлука, која треба да ја донесе Советот на Општина Ѓорче Петров, а ќе има далекосежни последици за жителите на општина Ѓорче Петров и општина Карпош, а со тоа и на цело Скопје, изјави пратеничката од СДСМ, Даниела Маркоска.

Маркоска рече дека една третина од советниците имаат поднесено барање за суспендирање на ДУП-от во Ѓорче Петров, кој предвидува 240.000 квадратни метри станбен простор, или 4.000 нови стана или 10.000 нови жители, што ќе биде демографска урбанистичка катастрофа.

Со еден збор, рече таа, ДУП со огромни штетни последици за граѓаните.

„Го повикувам претседателот на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ги вразуми советниците и градоначалникот од ДПМНЕ, да размислат како ќе гласаат. Гласот на советниците на ДПМНЕ ќе биде глас на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ. Денеска, ќе видиме што ќе одлучат, дали ќе дадат глас за иднината на жителите на Ѓорче Петров или за уништвување на Ѓорче“, рече Маркоска.

Воедно, ги повика и Павле Трајанов и Стефче Јакимовски преку членовите на Советот од редовите на Демократскиот сојуз и ГРОМ да го спречат, како што рече, урбаниот холокауст во Ѓорче.