24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Велковски: Срамота е да се каже дека 5% е зголемување на пензиите

Пет процентни поени на пензиите не претставува покачување, туку усогласување на трошоците за живот за сите приматели на пензии во Македонија, вели техничкиот министер за труд и социјална правда, Ѓоко Велковски.

„Процентот за жал е многу мал и срамота е да се каже дека 5% е зголемување на пензиите како некои други што потенцираат. Јас ова го нарекувам усогласување, бидејќи 5% на она што најголемиот дел од пензионерите го примаат како пензија ќе биде буквално едно одење до продавница и назад со неколку производи во нивната кеса“, вели техничкиот Велковски.

Според него, неопходна е промена на методологијата за пресметување на процентните поени како би се намалила преголемата разлика помеѓу оние граѓаните коишто земаат минимална пензија и оние со високи пензии. Тој дополнува дека покрај усогласување на пензиите, потребни се системски мерки во делот на примателите на социјална помош и регулирање на минималната плата согласно реалните месечни трошоци на граѓаните.

„22% стапка на граѓани кои живеат под нивото на сиромаштија во Македонија всушност го докажува и она што го говорам од првиот ден дека над 600.000 граѓани, жители на Македонија живеат под работ на сиромаштијата. Тоа значи дека живеат со помалку од 100 денари. Денеска да издржи еден човек во текот на денот со 100 денари претставува беда и сиромаштија. Не може никој да го побие овој факт дека е тоа така бидејќи е потврдено со релевантни статистички податоци како и од експертите“, истакнува тој.