25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Уапсено уште едно лице за нападот во М-НАВ

Полицијата уапси уште едно лице вмешано во упадот во контролата на летање. За него се чека одлука каква мерка ќе биде определена.

Основното јавно обвинителство Скопје извести дека и покрај тоа што Основниот кривичен суд Скопје вчера информира дека во предметот за случувањата во М-НАВ определил мерки куќен притвор за четворица осомничени, а „против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд во рок од 24 часа од приемот на решенијата“, сепак, Законот за кривичната постапка не дозволува Обвинителството да се жали на донесените решенија.

„Имено, во согласност со член 169 став 3 од ЗКП, кој е наведен и во правната поука на донесените решенија, само обвинетиот има право на жалба во рок од 24 часа против решението на советот и за таа жалба одлучува советот на повисокиот суд. За ова веќе постои и претходна судска пракса на Апелациониот суд. Обвинителството мора да ја почитува одлуката на судот, иако и натаму смета дека мерката куќен притвор и определените дополнителни мерки на претпазливост не се доволни за обезбедување на осомничените и за заштита на постапката. Во исто време, надлежниот јавен обвинител во текот на денешниот ден беше известен од МВР дека е пронајдено и лишено од слобода уште едно од лицата што беа опфатени со наредбата за истрага за овој настан“, велат од Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, кој досега беше недостапен за органите на прогонот.