26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пациентите со камен во бубрегот, по операција, веднаш ќе може да си заминат дома, нови апарати на Клиниката за хируршки болести

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за здравство, Фатмир Меџити, беше во посета на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде што беа претставени новите апарати за третман и дијагностика.

Вкупната инвестиција за новите апарати изнесува приближно 1 милион евра, пари обезбедени од Министерството за здравство.

Премиерот рече дека се инвестирани над 700 илјади евра за набавка на новиот современ апарат за литотрипсија, односно за разбивање камења во бубрегот и во уринарниот тракт.

„Се работи за најсовремен апарат, кој е од најновата генерација, и токму во оваа болница е практично третиот во државата што е, да кажеме, на ниво повисоко од другите што ги имавме. Со тоа се овозможува современ и брз третман на пациентите, но и олеснување на работата на здравствените работници, како и на Клиниката, каде што ќе нема потреба од подолго задржување на пациентите“, рече Ковачевски.

Министерот Меџити изјави дека се воведува патологија што досега не можеше да се третира во оваа установа, а со тоа се врши и проширување на спектарот на процедури што може да им бидат понудени на пациентите.

„Се очекува годишно да се третираат стотина пациенти со оваа патологија, кои, по интервенцијата, би се задржале само еден ден или истиот ден би се пуштале дома, што е голем бенефит за пациентите, а секако и за здравствената установа“, изјави Меџити.

На Клиниката е набавен и нов апарат за мамографија со томосинтеза.

Воедно, набавен е и лапароскопски столб за изведување минимално инвазивни хируршки процедури, кој веќе е ставен во функција во оваа Клиника.