23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски во Европскиот Парламент: Членството во ЕУ до 2030 е амбициозна, но остварлива цел

Премиерот Ковачевски, денеска во рамки на работната посета на Брисел, се обрати во Европскиот Парламент пред групата на европратеници, членови на Прогресивната алијанса на Социјалисти и Демократи на дебата посветена на проширувањето на ЕУ.

На обраќањето присуствуваше и вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Тој во своето обраќање зборуваше за напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ, политиките кои ги спроведува Владата и кои нудат солидарност, социјална правда и еднаквост, олицетворени преку мерките за поддршка во справувањето во услови на зголемени трошоци на живот, инвестициите во енергетиката, инфраструктурата и во другите области кои ги донесе Владата.

„Членството во Европската Унија игра клучна улога во консолидирањето и унапредувањето на македонскиот идентитет. Слично како и другите европски нации, членството во ЕУ нуди трајна заштита на македонскиот идентитет и во европски и во глобални рамки. Скрининг процесот беше тежок државнички процес, но претставува најдобар механизам за спроведување реформи кои ќе придонесат за зајакнување на демократијата и создавање зрело општество со силни и ефикасни институции. Оценките кои ги добиваме од ЕК се одлични. Нашата подготвеност и транспонираност на европското законодавство е на завидно ниво“, рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека со поглавјата 30 и 31, Северна Македонија успешно го завршува скрининг процесот, а извештајот ќе биде патоказ за забрзување на трансформацијата на општеството што ќе биде единствено возможно преку процесот на преговори со ЕУ.

„Членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но не и невозможна цел. Владата предводена од СДСМ има искрена и јасна намера успешно да го заврши процесот. Владата има јасен план и поставена цел кои се дополнителна движечка сила побрзо да чекориме во реформирањето на општеството. Процесот на членство во ЕУ е сложен, но бара континуитет, силна волја, затоа треба да го направиме тоа, не поради Европската Унија, туку поради нашите граѓани. Подготвени сме за овој предизвик и испит, а имаме и целосна поддршка од Европската комисија за забрзување на темпото на пристапните преговори. Имаме силна поддршка од европските институции, од државите членки, од високите европски претставници. Вашето присуство кај нас и оддавање почит на нашата земја и народ е јасна порака дека имаме пријатели и сојузници во ЕУ и дека Северна Македонија ја гледате како идна земја членка на Унијата“, рече премиерот.

Европарламентарците од неколку земји членки на ЕУ, упатија позитивни коментари за европскиот напредок на Северна Македонија. Според нив, Северна Македонија е успешен пример за мултикултурно општество како за регионот, така и за Европа, и со тоа на свој начин допринесува во забрзувањето на процесот на интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија. Европратениците констатираа дека во изминативе неколку години, земјата посветено работеше на реформи во социјалната, економската и сферата на владеењето на правото и ја истакнаа силната поддршка на европратениците Социјалисти и Демократи во Европскиот парламент на тој пат.

Ковачевски во своето излагање ја истакна и важноста на Планот за раст, кој Северна Македонија мора да го искористи, бидејќи преку него ќе се поттикне економски напредок, отворање на нови работните места, подобрување на животниот стандард на граѓаните и ќе се отворат можности за нашите компании за пристап до делови од единствениот пазар на ЕУ дури и пред приклучувањето во Унијата.

„Со членството во ЕУ, Северна Македонија ќе има можност да добие пристап до важни делови од единствениот европски пазар, оваа прилика мораме да ја искористиме, а за тоа имаме и целосна поддршка од ЕУ. Нашата социјалдемократска политика нуди пат на напредок, со крајна цел е членство во ЕУ, бидејќи Северна Македoнија таму припаѓа. Северна Македонија треба да е дел од заедницата на вредности“, изјави Ковачевски.

Претседателот на Владата Ковачевски се заблагодари на европратениците од групата на Прогресивната алијанса на Социјалисти и Демократи за поддршката на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и порача дека нивните колеги, пратениците во Собранието на Северна Македонија се исправени пред голем предизвик и постигнувањето на заедничките национални и општествени цели мора да го стават пред политичките и идеолошките разлики.

„Некои одлуки треба да ги донесеме поради сите граѓани на Северна Македонија, нивната иднина е пред сите политички и идеолошките разлики. Без разлика на партиската припадност пратениците се избрани од граѓаните, затоа мора да покажат конструктивност во име на граѓаните, мора да покажат единство за благосостојба на нашите граѓани и нашето општество. Пратениците во Северна Македонија добиваат мандат од граѓаните и работат согласно Устав, Закон и Деловник и носат одлуки кои што според Уставот, Деловникот и законот и тоа е улогата на секој пратеник, бидејќи граѓаните на денот на избори им го предаваат тоа право, обврска и одговорност на пратениците. И се што е во рамки на Уставот, на Законот и Деловникот тоа пратениците го работат. Така било, така е и така ќе биде и во иднина“, рече Ковачевски.