26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Потребно е долгорочно и одржливо решение за мир помеѓу Израел и Палестина

На покана на високиот претставник и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Кралството Јордан, Ајман Сафади, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес учествуваше на осмиот регионален форум на Унијата за Медитеранот во Барселона.

Во фокусот на дискусиите беше ситуацијата во Израел – палестинските територии и последиците за регионот на Блискиот Исток. Во овој контекст,ж министерот испрати порака дека фокусот мора да се стави на дипломатските напори за наоѓање долгорочно одржливо решение, постконфликтно сценарио за трајна стабилизација, што ќе гарантира стабилност и мир за Израел и палестинските територии и поширокиот регион.

„Не смееме да дозволиме немилите случувања да ги поткопаат основните принципи и цели на оваа организација и да фрлат сенка на досегашните достигнувања. Напротив, мораме да бидеме уште попосветени и да најдеме начини за поттикнување на меѓусебната соработка, дијалогот и довербата. Силно верувам дека нема друга алтернатива – ова е единствениот пат напред“, истакна Османи.

Според Османи, во овој момент од најголема важност е да се обезбеди непречен проток на хуманитарната помош за жителите на Газа со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право притоа поздравувајќи го ослободувањето на заложниците од Појасот Газа како дел од договорот за привремено примирје пред неколку дена. Притоа, нагласи Османи, потребно е итно ослободување на преостанатите заложници.

На маргините на регионалниот форум, на кој учествуваа министри за надворешни работи и нивни заменици од 37 држави членки на Унијата за Медитеранот, шефот на дипломатијата, Османи, оствари и повеќе билатерални средби со свои хомолози.