26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Делови од Скопје следната недела ќе бидат блокирани поради самитот на ОБСЕ, Спасовски апелира за трпение

Повеќе институции работат на подготовка на министерскиот самит на ОБСЕ кој следната недела ќе се одржува во Скопје, вели министерот за внатрешни Спасовски. Тој кажа дека МВР цела година се подготвува за овој настан. Присуство најавиле повеќе од 70 странски делегации и преку илјада учесници на самитот. Според Спасовски, тоа е опсежна акција која треба да се спроведе од безбедносен аспект и целосно се подготвени сите служби.

„Очекувам дека се ќе помине во најдобар можен ред. Ова е важен самит. Имаме шанса да покажеме капацитетност, демократски вредности. На завршување на самитот, сите држави од светот, да гледаат со уважување кон нас. Сметам дека на сите треба да ни биде чест. Апелирам до граѓаните да имаат трпение за време на одржување на самитот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници. Нема да има блокада на цел град, ама ќе има блокада на одредени улици по кои ќе се движат делегациите“, рече првиот човек на МВР.

Триесеттиот Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември, во салата Борис Трајковски во Скопје. Настанот се одржува во рамки на македонското претседавање со оваа меѓународна организација.