22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ во работна посета на Брисел, ќе има средби со Копман и Вархеји

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во следните два дена ќе престојува во Брисел каде заедно со околу 20 шефови на држави од различни земји од светот, ќе учествува на Глобал гејтавеј форум (Global Gateway Forum), во организација на Европската Унија.

Во рамки на работната посета на Кралството Белгија, вицепремиерот Маричиќ ќе има билатерални средби со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ГД НЕАР), Герт Јан Копман и со еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан.

Вицепремиерот ќе одржи и брифинг со работната група на Советот за проширување, КОЕЛА и работен состанок со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија, Микела Матуела, на кој тема на разговор ќе биди текот на скрининг процесот и подготовката на стратешките документи – Патокази, кои се наша обврска за отворање на Кластер 1, „Фундаментални вредности“.

Во фокус на средбите ќе бидат прашањата поврзани со европската агенда на Северна Македонија и перспективата на евроинтегративниот процес, со сите тековни и идни предизвици на тој пат, информираат од Секретаријат за европски прашања.