25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Основањето на МРО не е основање на ВМРО, а уште помалку основање на ВМРО-ДПМНЕ

Основањето на МРО не е основање на ВМРО, а уште помалку основање на ВМРО-ДПМНЕ и секое превземање на 23 октомври 1893 година како ден на основање на ВМРО е погрешно, извртување на историските факти и создава погрешна реалност на која се изградени и многу митови.

Еден од најштетните е оној дека ВМРО-ДПМНЕ има ексклузизвно право на македонската револуционерна борба, што апсолутно неточно и архаично, како што е архаично една партија во Европа денес да се нарекува – револуционерна.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Основањето на МРО не е основање на ВМРО, а уште помалку основање на ВМРО-ДПМНЕ и секое превземање на 23 октомври 1893 година како ден на основање на ВМРО е погрешно, извртување на историските факти и создава погрешна реалност на која се изградени и многу митови.

Еден од најштетните е оној дека ВМРО-ДПМНЕ има ексклузизвно право на македонската револуционерна борба, што апсолутно неточно и архаично, како што е архаично една партија во Европа денес да се нарекува – револуционерна.

Со таа митологија треба да се престане, а ако не престане, секогаш ќе има такви кои ќе потсетуваат на фалсификатите.

Еве што велат фактите.

Македонска револуционерна организација (МРО), како револуционерно национално-ослободителна организација на македонскиот народ, била основана на 23 октомври 1893 година од шестмина револуционери интелектуалци: Дамјан Груев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Андон Димитров, со цел по пат на вооружена борба да се извојува политичка автономија на Македонија и Одринско.

На основачкиот состанок усвоиле програма за дејствување. Бил усвоен Устав на Организацијата (во почетокот на 1894) и се конституирал Централниот комитет (претседател д-р Христо Татарчев, секретар Дамјан Груев). Била изградена мрежа на Организацијата во поголемите центри во Македонија (до средината на 1894). Особено силен подем бележела по стапувањето во членство и во раководењето на Гоце Делчев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Јане Сандански и други македонски револуционери.

Низ историјата, во зависност од раководните лица и политичката струја, организацијата била позната под различни имиња. Така таа била позната како Македонска револуционерна организација (МРО), од 1896 како Тајна македоно-одринска револуционерна организација (ТМОРО), а од почетокот на 1905 година како, Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО).

Иако во историографијата можат да се најдат различни ставови под кое име била основана Организацијата, сите нив го демнатира првиот претседател на Организацијата д-р Христо Татарчев, којшто во неговите “Спомени” истакнува дека првото име на Организацијата е Македонска Револуционерна Организација, и дека првиот печат на Централниот комитет на Организацијата гласел: Македонски централен комитет – Слобода или смрт.

Во спомените на Христо Татарчев, којшто ВМРО-ДПМНЕ го смета за основач на ВМРО, тој јасно пишува:

„На истата седница (на основачкиот состанокот во книжарницата на Иван Хаџи Николов, н.з.), долго се разгледуваше прашањето какво име да носи Револуционерната организација и Комитет. Ова прашање ни одзеде прилично време и најпосле, колку што се сеќавам, усвоивме да се наречат: „Македонска револуционерна организација“, а Комитетот – „Централен македонски револуционерен комитет“, а скратено „ЦМРК“. На други средби статутот беше дефинитивно примен од истиот состав од шестмината… Беше конституиран Централен комитет, при што мене избраа за претседател, а Дамјана Груев за секретар и благајник. Потем веќе започна организирањето на револуцијата, што тргна многу позабрзано.“

Според македонската историографија, во 1908 година Македонската револуционерна организација престанала да постои, меѓутоа има ставови дека МРО и ВМРО на Тодор Александров е една иста организација.

Сепак, историските настани подоцна, како и основачките акти на ВНРО на Александров говорат нешто друго. Особено по смрта на Тодор Александров кога ВМРО еволуирала во вистинска терористичка организација.

Основањето на ВМРО на Тодор Александров

Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО) — македонска револуционерна организација која постоела во периодот меѓу 1919–1934, била формирана кон крајот на 1919 година со Централен комитет во чиј соства биле Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев.

Имено, на 20 декември 1919 година некои од дејците на поранешната Македонска револуционерна организација одржале таен состанок во Софија на кој било решено да се возобнови старата Организацијата. Меѓутоа, наместо виозобнување дошло до основање на нова организација под името Внатрешна македонска револуционерна организација.

Против возобновувањето на организацијата во овој вид се произнеле повеќе поранешни дејци. Меѓу нив бил и еден од основачите на Македонската револуционерна организација – Христо Татарчев.

Според историчарот акаденим Иван Катарџиев „самиот процес на создавање автономистичка ВМРО и наметнувањето на Тодор Александров за нејзин раководител бил проследен со отпори. Во тоа време, Тодор Александров ја немал поддршката на емиграцијата. Против него и неговите наметливи методи застанала група ветерани на македонското национално и револуционерно движење. Александров и Протогеров биле обвинети за узурпаторство, а поентата на обвинувањата била дека без конгрес не може да се избира раководство, а таков не бил одржан од 1908 година. Со тоа што отпорот спрема Александров бил силен и немало шанса легално да биде избран на чело на ВМРО. За да се внесе страв кај противниците, некои од нив биле убиени.

Подоцна, по потпишувањето на Нишката спогодба помеѓу Кралството СХС и Бугарија во март 1923 година, ВМРО зела активно учество во рушењето на бугарската влада на Александар Стамболиски. Во втората половина на 1923 година биле воспоставени врски и водени разговори со претставници на Советскиот Сојуз, заинтересиран за создавање единствено македонско револуционерно ослободително движење. Притоа Тодор Александров подготвил и потпишал Проект за разбирање помеѓу ВМРО и Советската влада.

Преговорите водени во Виена завршиле со потпишување Декларација на ЦК на ВМРО и на Мајскиот манифестод страна на Александров, Протогеров и Чаулев. Под притисок на бугарската влада, првите двајца со Декларација на ЦК на ВМРО јавно се откажале од своите потписи.

Тодор Александров бил убиен на 31 август 1924 година од припадници на ВМРО, војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. Раководството на ВМРО го презеле Александар Протогеров и Иван Михајлов. За убиството на Александров биле обвинети конкурентните организации од македонската емиграција.

За две години во пресметките во редовите на ВМРО биле убиени редица истакнати македонски интелектуталци и револуционери, идејни противници како Димо Хаџи Димов, Арсени Јовков, Тодор Чопов и др. По наредба на Михајлов бил убиен и Александар Протогеров, а ВМРО се поделила на Михајловисти и Протогеровисти и дошло до нивно меѓусебно физичко пресметувње. На VII конгрес на ВМРО, на 21 јуни 1928 година, Иван Ванчо Михајлов официјално го презел раководењето на организацијата.

Во програмската определба на ВМРО на Михајлов поимот автономна бил заменет со поимот независна Македонија во која живеат Бугари. Негова стратегиска цел била создавање на Македонија како втора бугарска држава.

По воениот удар во Бугарија од 19 мај 1934 година новата влада на чело со Кимон Георгиев го распуштила Собранието и ги забранила политичките партии, вклучувајќи го и ВМРО.

Под водство на Михајлов, таа продолжила да дејствува во странство. На 9. X 1934 година, со заедничка акција на хрватските и македонски сили, бил извршен атентат врз кралот на Југославија, Александар I Караѓорѓевиќ. Следува периодот кога ВМРО на МИхајлов се поврзува со нацистичките и профашистичките сили на Германија, Италија, Унгарија и Хрватска, со кои соработувала до крајот на Втората светска војна.

Има уште една, голема причина, зошто МРО не може да се идентификува со ВМРО, а уште помалку со ВМРО-ДПМНЕ.

Левичарите во галеријата на македонската револуционерна борба

Жарко Трајаноски, којшто темелно ги следи и изучува настаните и процесите на македонската револуционерна борба, смета дека „23 октомври (стар стил) е датум кој не може и не смее да биде киднапиран од ниту една партија“.

Тој вели дека „најмалку тоа смее да го прави која и да е десничарска партија, затоа што на револуционерната организација МРО/ТМОРО/ВМОРО животот го посветиле многу левичари“ и ги наведува:

– Левичарот Петар Поп Арсов е основоположник на МРО, автор на првиот устав и на првата брошура на МРО („Стамболовщината в Македония и нейните представители“).

– Левичарите Гоце Делчев и Ѓорче Петров се автори на Уставот и правилниците на ТМОРО.

– Дејноста на ТМОРО/ВМOРО е незамислива без левичарите Пере Тошев – Лефтер, Јане Сандански, Никола Карев, Димо Хаџи Димов, Димитар Влахов и многу други.

– Во народната федеративна партија (која произлегува од левото крило на ТМОРО/ВМОРО во 2009) учествуваат Димитар Влахов, Јане Сандански, Христо Чернопеев, Тодор Паница итн.

– Во ВМРО (Обединета) формирана во 1925 учествувале истакнати имиња како Панко Брашнаров, Димитар Влахов, Методија Шаторов – Шарло, Павел Шатев, кои подоцна се приклучиле на антифашистичката борба во која се изборивме за своја држава.

Ова е уште една теза со силни аргументи дека Македонската револуционерна организација не може така едноставно да се идентификува со ВМРО, а уште помалку со ВМРО-ДПМНЕ.

Станува збор за различни организации и кога станува збор за ставање еднаквост, па дури и континуитет треба да се биде внимателен затоа што освен различните околности и статутарни одредби на ВМРО во различни фази од нејзината историја, има и периоди кога оваа организација воспоставувала и се идентификувала со фашистичката идеологија што никогаш не било став којшто го делел огромното мнозинство од народот во македонија.

Извор: Рацин.мк