ЏАБИР ДЕРАЛА
Зборот не може да биде уапсен. Вистината не може да се скрие. Слободата нема цена.
Ова е моја објава на социјалните мрежи пред десет години, на 23 октомври, денот кој од 2007 година се слави како национален празник во земјава (датум на основање на ВМРО во Солун, 1893 година), а го воведе злогласниот режим на Груевски.
Сега, кога разноразни политички кускулиња[i] отворено мавтаат со црни тефтери пред камерите на телевизии со национална концесија, без да бидат предизвикани од новинарската фела, сметам дека е погоден момент да се повтори оваа порака.
Оваа порака треба постојано да се повторува, секој ден. Кога луѓето ќе разберат дека тие три кратки реченици во пораката се безброј пати потврдени во минатото и сегашноста на светот, овие кускулиња кои сонуваат да бидат „големи“ како Мусолини, Хитлер, Сталин или Путин, ќе бидат соголени – ќе се открие колку се деструктивни и плитки. Само така ќе си го заземат местото што им припаѓа, на темните маргини на општеството.
Токму така. Кога луѓето ќе се одважат да ја повторуваат гласно и да ја живеат таа порака – ЗБОРОТ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ УАПСЕН. ВИСТИНАТА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СКРИЕ. СЛОБОДАТА НЕМА ЦЕНА – политичкиот опстанок на овие мали ф-рашисти ќе биде загрозен.
Размислете само, кога последен пат сте виделе овие бандити во политиката некој да им се спротивстави во ТВ студио? Дали сте се прашале, од каде доаѓа таа сеприсутност во јавната комуникација и тој молк пред камерите кога тие грди ликови зборуваат? Не е до нивната моќ (не се вистински моќни), не е ниту до нивната елоквентност (уште подалеку се од тоа)…
Одговорите се лесни, само треба да се постават тешките прашања.
[i] Политички кускулиња или кускулиња во политиката е израз кој се однесува на политичките димензии на ликовите на кои се однесува оваа белешка, не се однесува на нивниот изглед.
Извор: Civilmedia.mk